Македонија домаќин на 16 состанок на Советот на министри на Енергетската заедница
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, заедно со заменик-претседателот на Владата, Кочо Анѓушев и со претседавачот на Министерскиот Совет и министер за економија во Владата на Република Македонија Крешник Бектеши, денеска го отворија 16-тиот состанок на Советот на министри на Енергетската заедница.
Посакувајќи им успешна работа на министрите од земјите членки на Енергетската заедница, премиерот Заев истакна дека мисијата на оваа заедница да воспоставува стабилна регулаторна и пазарна рамка, способна да привлече инвестиции во производство на електрична енергија и мрежи, е од клучна важност за сите земји членки на заедницата кои се стремат да бидат дел од семејството на Европската Унија.
„Работата на Енергетската заедница секогаш треба да се гледа од аспект на интересот на граѓаните и токму затоа создавање интегриран енергетски пазар кој овозможува прекугранична трговија со енергија и интеграција со пазарот на ЕУ е од суштинско значење за нив. Тоа значи безбедно снабдување за да се обезбеди стабилен и континуиран пристап на енергијата до граѓаните и до компаниите, што е од суштинско значење за економскиот развој и социјалната стабилност“, рече премиерот Заев.
Понатаму, во своето обраќање пред присутните, премиерот Заев посочи дека од суштинска важност е да се поттикнува употребата на обновливи енергии и на енергетски ефикасни решенија, како и да се развива конкуренцијата и соработката на регионално ниво. Притоа премиерот Заев додаде и дека либерализацијата и реформите во националните енергетски сектори и пазари на енергија, носи бројни придобивки за граѓаните, како и нови можности за бизнисот и за инвеститорите.
„Република Македонија како членка на Енергетската заедница, се обврза да стане дел од Внатрешниот пазар на енергија во Унијата преку членството во Енергетската заедница.
Стратешка определба на Владата на Република Македонија е обезбедување на одржлив развој на енергетскиот сектор преку оспособување тој да биде конкурентен на пазарот на енергија и со непрекината грижа за животната средина, вклучително и за климатските промени“, заклучи премиерот Заев.
Заменик-претседателот на Владата, Кочо Анѓушев, од своја страна истакна дека соработката во регионот е важна за енергетиката бидејќи таа не може да ги следи границите на државите коишто се територијални. Енергетиката, како што рече тој, е област која што само административно познава граници.
„Нашиот регион е премногу мал за сите ние да правиме поединечни берзи и аукции, така што правецот во којшто се движат работите во делот на енергетиката да има регионален пристап е вистинското решение. Лично се надевам дека брзо ќе дојде денот кога ќе се формира една регионална берза на електрична енергија и една куќа за аукции на крос-бордер капацитети во делот на енергетиката, бидејќи тоа е правото решение за проблеми коишто во моментов ги имаме“, рече меѓу другото вицепремиерот Анѓушев.
Очекувањата за следната година, како што посочи вицепремиерот, Анѓушев се дека државата ќе создаде околу 200 мегавати инсталирана сила во фотоволтаични електрани, што ќе има сериозен импакт во развојот не само на енергетиката, туку и на градежништвото.
Во своето воведно излагање како претседавач на 16. состанок на Советот на министри на Енергетската заедница, министерот за економија Крешник Бектеши рече:
„Оваа година беше од исклучително значење за нас, како земја – претседавач по третпат од влегувањето во сила на Договорот за основање на Енергетска заедница и можам да кажам дека ги исполнивме приоритетите што ги одредивме на претходниот министерски Совет во Приштина. Би сакал да потсетам на нашите приоритети за време на претседателствувањето: да се заокружи процесот на дополнување на Договорот за Енергетска заедница; да се забрза напредокот за целосна транспозиција и имплементација на Третиот пакет на директиви за електрична енергија и природен гас, целосно да се спроведат мерките за спојување на ден-однапред пазарите на електрична енергија во земјите од Западен Балкан и да се поттикне договор за климатските и енергетските цели на Енергетската заедница за 2030 година“.
Министерот Бектеши истакна и дека Република Македонија успешно ги исполнила зададените цели со интензивни активности коишто биле спроведени со тесна соработка со Секретаријатот на Енергетската заедница.
Во прилог на ова соопштение ви го пренесуваме обраќањето на Премиерот Заев:
„Ми причинува посебно задоволство што ова искрено гостопримство и желби за успешна работа ви ги упатувам како Претседател на Владата на Република Македонија, која оваа година претседаваше со работата на овие состаноци.
Освен привилегија, оваа должност е многу повеќе и обврска работата на Енергетската заедница, преку Министерскиот Совет, да ја исполнува мисијата на Енергетската заедница како меѓународна организација која ги обединува Европската унија и нејзините соседи за создавање и за функционирањето на еден интегриран паневропски енергетски пазар.
Мисијата на Енергетската заедница да воспоставува стабилна регулаторна и пазарна рамка способна да привлече инвестиции во производство на електрична енергија и мрежи, е од клучна важност за сите земји членки на заедницата кои се стремат да бидат дел од семејството на Европската Унија.
Работата на Енергетската заедница секогаш треба да се гледа од аспект на интересот на граѓаните и токму затоа создавање интегриран енергетски пазар кој овозможува прекугранична трговија со енергија и интеграција со пазарот на ЕУ е од суштинско значење за нив.
Тоа значи безбедно снабдување за да се обезбеди стабилен и континуиран пристап на енергијата до граѓаните и до компаниите, што е од суштинско значење за економскиот развој и социјалната стабилност.
Една од подеднакво важните приоритети на здружувањето во Енергетската заедница е постојаниот стремеж за подобрување на состојбата со животната средина во однос на снабдувањето со енергија во регионот.
Во таа насока станува од суштинска важност поттикнување на употребата на обновливи енергии и на енергетски ефикасни решенија, како и развивање на конкуренцијата и соработката на регионално ниво за максимизирање на условите за евтина енергија.
Почитувани,
Внатрешниот пазар на енергија на Европската Унија денес е придобивка која ја имаат Европјаните.
Либерализацијата и реформите во националните енергетски сектори и пазари на енергија, носи низа од придобивки и погодности за граѓаните, а за бизнисот и за инвеститорите многу нови можности.
Уверени сме дека ќе бидат остварени и очекувањата од сигурноста, како и од различноста во снабдувањето кои ќе имаат нагорен тренд, особено во делот на обновливи извори на енергија и на потенцијалот на новите енергетски технологии.
Република Македонија како членка на Енергетската заедница, се обврза да стане дел од Внатрешниот пазар на енергија во Унијата преку членството во Енергетската заедница.
Ефективниот конкурентен Внатрешен пазар на енергија го помага одржливиот развој, односно создава нови работни места, што е дополнителен потстрек и за европската економија.
Отворањето и либерализацијата на малите пазари преставува поголема можност доколку се дизајнира соодветен оптимален пазарен модел за да ги задоволи во обем и цена потребите на домаќинствата и индустријата.
Отпочнатиот процес на либерализацијата на пазарот на електрична енергија ќе го намали диспаритетот меѓу енергенсите, посебно меѓу природниот гас и електричната енергија, со што ќе се зголеми интересот за инвестирање во капацитети за производство на електрична енергија.
Енергетиката е во синергија со одржливиот развој затоа што соодветно поставените енергетски политики и проекти носат придобивки за сите димензии за одржливиот развој.
Оттука, стратешка определба на Владата на Република Македонија е обезбедување на одржлив развој на енергетскиот сектор преку оспособување тој да биде конкурентен на пазарот на енергија и со непрекината грижа за животната средина, вклучително и за климатските промени.
Имајќи ја предвид агендата на оваа сесија на Министерскиот Совет на Енергетската заедница убеден сум дека од тука, од Скопје, ќе се прошират хоризонтите за идната работа и иницијативи на Енергетската заедница.
Ви посакувам успешна работа и искрени честитки и поддршка за идната земја претседавач со Министерскиот Совет на Енергетската заедница“.