30/11/2024
Македонија

МЗ: Почнати процедурите за покренување јавна набавка на инсулин

Министерството за здравство денес ја почна постапката за јавна набавка на инсулин, глукагон, инсулински игли и ленти за мерење шеќер и инсулински пумпи со потрошен материјал, за периодот септември 2018 – септември 2020 година. Постапката и процедурите се соодветно испланирани, согласно бројот и потребите на пациентите и населението во Република Македонија, кое директно или индиректно ги користат именуваните медицински препрати, уреди и потрошни материјали.

За таа цел, пред да биде распишана предметната јавна набавка, од Министерството ги контактиравме граѓанските здруженија, кои дадоа свои мислења за воведување новитети. Согласно побарувањата во тендерската документација, првпат по шест години во Република Македонија се очекуваат нови лекови за дијабетес, како што се инсулини и ампуларна терапија. Во целиот процес беше вклучена и Националната комисија за дијабетес.

Заинтересираните економски оператори потребно е да внимаваат во подготовка на тендерската документација, посебно во делот на поднесување сертификати за квалитет на готов лек и одобрение за ставање лек во промет, наведени во техничките спецификации од тендерската документација.

На ваков начин, Министерство за здравство прави напори и води грижа пациентите во континуитет да бидат снабдени со инсулин, во соодветни рокови и со подобар квалитет.

Потенцираме дека до завршување на постапката за јавна набавка, инсулин има во доволни количини во сите инсулински аптеки.

Ги повикуваме сите заинтересирани економски оператори кои имаат интерес за учество да ја погледнат целокупната документација во електронскиот систем за јавни набавки.