26/11/2024
Македонија

Министерот Спасовски на состанок за имплементација на ЕУ акциски план за трговија со мало и лесно огнено оружје и муниција 2020-2025

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска онлајн се обрати на состанокот на високи државни претставници за имплементација на Акциониот план на ЕУ за трговија со огнено оружје 2020-2025, особено неговите специфични дејствија за југоисточна Европа и соработката со ЕУ, вклучително и за имплементација на регионалниот Патоказ за одржливо решение за нелегално поседување, злоупотреба и трговија со малото и лесно оружје и нивната муниција во Западен Балкан до 2024 година, организиран од Европската Комисија и словенечкото претседателство со Советот на ЕУ.

Во рамките на сесијата за Министри за внатрешни работи од Западен Балкан, Министерот Спасовски се осврна на напредокот остварен во исполнување на целите на Патоказот, започнатите и планирани активности и проекти и предочи некои од предизвиците со кои се соочуваме поради кризата предизвикана од ковид-19.

Воедно, министерот Оливер Спасовски истакна дека конечното спроведување на Патоказот ќе има голем удел во сузбивањето на криминалот од областа на недозволената трговија на оружје и муниција, вклучувајќи ја и употребата на оружјето во кривични дела од областа на организираниот криминал, насилниот криминал, недозволената трговија со дрога и останатите области, кои претставуваат значаен сегмент во справувањето со ризиците и заканите по внатрешната безбедност на секоја држава. Градењето и воспоставувањето на систем преку утврдување на процедури и механизми за контрола на легалните и нелегалните текови на оружјето, имаат значајно влијание врз безбедноста.

Исто така, министерот Оливер Спасовски упати искрена благодарност до Европската унија, Германија, Франција, како и до организациите УНДП-СИСАК, ОБСЕ, УНДП и УНОДЦ за огромната поддршка што ја даваат во јакнењето на институционалните капацитети на Република Северна Македонија во областа на контролата на малото и лесно оружјe.