22/11/2024
Македонија

МИОА објавува алатка за пријавување на притисок на работно место

Министерството за информатичко општество и администрација, од денеска на својата веб страна овозможува алатка каде може да се пријави притисок на работно место. Министерството се обврзува сите пристигнати пријави да ги проследи до надлежните органи, за понатамошно постапување.

Министерот Манчевски, алатката ја претстави на прес-конференција. Во прилог неговото интегрално обраќање:

„Министерството за информатичко општество и администрација повторно објавува алатка за пријавување на притисок на работно место за време на престојната кампања за избор на претседател на Северна Македонија.

Цврсто стоиме на заложбата дека притисоци, уцена и злоупотреба во јавната администрација нема да има!

Работиме посветено на обезбедување на администрација која работи професионално и во служба на сите граѓани. Администрација која нема да биде злоупотребувана во служба на партиски цели или лични интереси.

Со таа цел, МИОА денеска објавува алатка за пријавување на притисоци на работно место, во пресрет на почетокот на изборната кампања. 

Алатката има за цел да послужи како заштита за сите вработени во јавната администрација, кои во случај на притисоци сега имаат лесно достапно место каде да се обратат.

Алатката овозможува секој вработен во јавната администрација да пријави евентуални притисоци на работно место. МИОА исто како и за време на кампањата за референдум се обврзува сите пристигнати пријави да ги проследи до надлежните органи, за понатамошно постапување.

Пријавувањето е анонимно, но доколку лицето кое пријавува сака да ги сподели личните податоци, тие ќе бидат заштитетни согласно Законот за заштита на личните податоци. За ова веќе се превземени соодветни технички и организациски мерки.

Ова е само еден од механизмите кои МИОА ги превзема за целосна професионализација на јавната администрација. Како што знаете паралелно се финализира и Законот за ВРС, каде се предвидува професионален избор, високи стандарди и критериуми за раководните позиции“.

Алатката Пријави притисок на работно место! е достапна на следнио линк: http://mioa.gov.mk/?q=mk/eform/submit/prijava