26/11/2024
Македонија

Мицкоски: Владата е партнер на синдикатите и работодавачите, продолжуваме со соработка

За нас како Влада главна и стратешка определба претставува економијата, односно подобрување на перформансите на економијата, бидејќи ако немаме добра и стабилна економија, тогаш немаме ништо во државата, порача Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски на денешната прва конститутивна седница на Економскиот социјален совет.

Претседателот Мицкоски вели дека за да има стабилна економија мора да има владеење на правото, нешто кое што изминатиот период за жал го нема, додавајќи дека во периодот кој што следи следува и подобрување, бидејќи како што рече никој од инвеститорите дали од Македонија или надвор не сака да ги инвестира своите средства во држава во која не владее правото.

За да имаме добра и стабилна економија потребно е да имаме владеење на право, нешто кое за жал го немаме, и ќе се обидеме во периодот кој што следи да го подобриме и вистински да имаме владеење на правото, затоа што ако нема правна држава нема да имаме инвеститори кои што без разлика дали се од Македонија или се од надвор ќе сакаат да ги инвестираат своите средства. И во таа насока овие два параметри одат еден со друг, кажа тој.

Мицкоски нагласи дека дијалогот помеѓу синдикатите и работодавачите и Владата е важен за да се создадат услови за функционирање во кој ќе започне процес кој ќе води во насока на одржлива економија и владеење на правото.

Нормално тука е дијалогот помеѓу синдикатите и работодавачите во делот на креирање услови за да можеме да функционираме како што треба и мислам дека со оваа денешна конститутивна седница ќе започнеме еден таков процес кој што ќе не води во таа насока да имаме, најпрво одржлива економија, владеење на правото и квалитетен дијалог помеѓу овие три страни, синдикатите, работодавачите и Владата.

Претседателот Мицкоски посочи дека наследил распаднати институции со огромни долгови и тоа само по однос на тековни расходи заклучно до 24 јуни во Буџетот недостасувале 30 милијарди денари.

Имавме неплатени обврски кон приватниот сектор кој што се уште се ажурираат од близу 200 милиони евра. Сега се и повеќе, како одминува времето така стигаат. Минус од отприлика 150 илјади евра во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството, надвор од тековните обврски, за пензии за редовна исплата недостасуваат околу 5 милијарди денари. Недостасуваат од прилика 4,2 милијарди денари за редовна исплата на плати, во првичната верзија на Буџетот, дополнителни обврски по основ на јавни претпријатија кон меѓународни финансиски институции од 5,1 милијарда денари. Во Фондот за здравство недостасуваат од прилика 1,7 милијарди денари во првичната верзија на Буџетот, 800 милиони денари загарантиран минимален доход, 437 милиони денари за студентски оброк, 207 милиони денари за стипендии, околу 300 милиони денари за блок дотации, 1 милијарда денари за субвенции кон компаниите кои работат во ТИРЗ, итн. Списокот е долг, се на се заклучно со 24 јуни недостасуваа во буџетот 30 милијарди денари за тековни расходи. 

Жалам што Економско социјалниот совет претходно кога се креирал буџетот не бил така активен, како што поединци беа активни  овие 100 дена. Но, таква е состојбата, изјави Мицкоски и додаде дека парите се обезбедени преку зголемување на наплатата во клучни сектори а тоа се УЈП и Царинската управа потенцирајќи дека повеќе нема фиктивни компании кои измислуваат милионски суми за повраток на ДДВ и на тој начин ја крадат државата. 

На крај Премиерот Мицкоски укажа дека Владата е партнер во кој што синдикалните здруженија и работодавачите ќе имаа доверба и ќе соработуваат, а не како страна која што сака да се наметне како авторитет.