26/11/2024
Македонија

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ќе направат трансформација во Македонија, со „Платформа 1198“ ќе се решат проблемите на граѓаните

„Во очите на граѓаните има една желба да што побргу заврши сето ова кое што се случуваше шест и половина години. И да имаме еден почеток кој што ќе не води кон една иднина која што сите некако како да ја чекаат изминативе три децении, а никако да дојде“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од митингот во Македонска Каменица.

„Можам да ви кажам од мое име, од името на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата дека како никогаш порано како генерација политичари сме одлучни да направиме трансформација во Македонија. Трансформација со која што многу од работите кои што денеска се погрешни и создаваат фрустрација, на моменти лоша емоција кај некого, или пак не враќаат назад во времето ќе исчезнат, ќе се врати надежта, ќе се врати оптимизмот“, рече Мицкоски. 

Мицкоски додаде дека ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Силјановска Давкова ќе победат на 24-ти април, а на осми мај ќе се потврди победата со историски печат.

„Мора победата да биде изразена со мнозинство во Парламентот. Тоа значи дека мора да имаме 61 пратеник за да можеме сето ова кое што јас го зборувам сега да го спроведеме и реализираме. Ние не сме чудотворци, чудата се невозможни, секој оној кој што ветува чуда не ја говори вистината. Ние само сакаме да ја пренесеме вистината онаа која што ние ја чувствуваме, да ја слушнеме вистината која што е поврзана со секојдневието, со реалноста и врз основа на можностите сето тоа да го реализираме во следниот период“, појасни тој.

Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ преку трибините кои што ги организираше во изминатиот период ја слушна вистината од граѓаните и нивните потреби. И огромен дел од тие потреби се содржани во изборната програма „Платформа 1198“.

„Бројка која што симболички сака да прикаже 1198 проекти, политики кои што во годините кои што следат ќе значат трансформација на Македонија“, укажа Мицкоски.

Мицкоски ги замоли граѓаните да излезат во помасовен број на избори за да се победи оваа актуелна власт која што Македонија ја уништи на секое можно поле.

„Пред шест и половина, седум години оние т.н. шарени, обоени револуционери низ Македонија ветуваа ќе донеле живот, потоа ветуваа дека ќе донесат едно општество за сите, но за жал ако се присетиме на тоа што го ветија и тоа што го реализираа тогаш ќе дојдеме до еден заклучок дека од тоа што ветија ништо не реализираа, а реализираа тоа што не ветија. Односно тоа што го ветуваа не го реализираа тоа што беше добро, а реализираа погрешно а тоа не го ветуваа“, потсети Мицкоски.

Затоа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ги повика граѓаните на избори да го заокружат бројот 2, време е за подобра иднина на Македонија, време е за Македонија повторно твоја.