29/11/2024
Македонија

МОН: Основците ќе пребаруваат наставни и едукативни содржини преку ИТ опрема за безбеден пристап до интернет

Информатичкпо – комуникациската инфраструктура во основните училишта во државата се унапредува. Во 40 од нив веќе е поставена нова, современа опрема преку која учениците ќе можат безбедно да пристапуваат до глобалната интернет мрежа со цел полесно да ги совладуваат наставните материјали, а истовремено да пребаруваат и дополнителни едукативни содржини.

Пристапот е овозможен преку безжични пристапни точки во сите училници, а пребарувањето на содржините е ограничено само за образовни потреби. МОН во насока на заштита на учениците, преку централизиран систем ќе ги оневозможи сите содржини кои се означени како несоодветни за возраста на децата.

Опремата е набавена преку проектот на Министерството за образование и наука за унапредување на основното образование кој е финансиран со средства од Светска банка.

Претходно, МОН инвестираше во нови персонални и преносни компјутери за училиштата, смарт табли, 3Д скенери, печатари, проектори, системи за складирање и управување со податоци и слично. Исто така, беа набавени и нови наставни и нагледни средства за кабинетите по предметите од групата на општествени науки како историја и географија и целосно нови кабинети по природни науки во сите основни училишта.