МТСП на оглас бара 30 воспитувачи/ки кои ќе се вклучат во програмата за подобрување на кадарот во градинките
Министерството за труд и социјална политика (МТСП) објави оглас за ангажирање на 30 воспитувачи/ки за колегијална поддршка за подобрување на компетенциите на кадарот во градинките, нова програма којашто се спроведува во соработка со УНИЦЕФ, а е поддржана од Британска амбасада. На огласот којшто ќе трае до 14 декември годинава, може да се јават сите воспитувачи/ки и педагози од детските градинки кои се заинтересирани за унапредување и подобрување на квалитетот на раното учење и развој во градинките, а ги исполнуваат условите.
Воспитувачите покрај критериумите пропишани во огласот треба да поседуваат ефективни комуникациски вештини, да сакаат да се усовршуваат и да помогнат за професионалниот развој на други колеги и соработници, да имаат одлични организациски способности и да знаат како да ги мотивираат и инспирираат.
Програмата за подобрување на квалитетот на раното учење и развој во установите за згрижување и воспитание на децата се спроведува за прв пат во Македонија. Програмата ќе се пилотира во 7 градинки, и ќе бидат обучени 30 воспитувачи за колегијална поддршка.
Главната цел на програмата е дека безбедната околина во која растат и се развиваат децата не подразбира само безбедност на физичкиот простор туку и емотивно безбедна и сигурна околина која треба да ја обезбедат возрасните кои ги учат и поучуваат малите деца. За креирање на безбедна социјална средина потребни се знаења и вештини кои можат да ги подобрат и инклузивните практики во установите за деца.
Министерството за труд и социјална политика, освен што ги проширува капацитетите на градинките во Македонија, посветено работи и на јакнење на кадарот којшто се грижи за децата преку подобрување на неговите знаења, бидејќи научно е докажано дека за правилен развој на детето е многу важно раното учење.