26/11/2024
Македонија

На Денот на европската статистика Премиерот Заев ја потпиша Декларацијата за посветеност кон доверба во официјалната статистика

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска присуствуваше и се обрати на настан во организација на Државниот Завод за статистика посветен на Денот на европската статистика на кој Република Македонија формално им се придружи на европските земји Шведска, Словенија, Ирска, Белгија, Грција,  Романија, Црна Гора и Албанија со потпишување на Декларација за посветност кон доверба во официјалната статистика. Со своето присуство директорка на Евростат, Мариана Коцева и со одлуката овој значаен ден за европската статистика да се одбележи во Република Македонија е изразена голема поддршка за напорите на Република Македонија да стане дел од евро-атлантското семејство, но и за напорите на Државниот завод за статистика што ги вложува за унапредување на статистичките операции и процеси и нивно приближување и интегрирање со европските.

Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев ја потпиша Декларацијата за посветност кон доверба во официјалната статистика со што Република Македонија формално се заложува за преземање на сите неопходни мерки за зацврстување и одржување на довербата во официјалната статистика и за следење на спроведувањето на Кодексот за работа на европската статистика.

„Со усвојувањето на оваа декларација, Република Македонија официјално од денеска се приклучува кон земјите кои веќе ја имаат потпишано оваа декларација: Шведска, Словенија, Ирска, Белгија, Грција,  Романија, Црна Гора и Албанија. Веродостојните статистики се неопходен услов за креирање одржливи политики и научни истражувања базирани врз докази и добра функционална демократија. Во таа смисла кредибилитетот на Националниот статистички систем е еден од неопходните услови за доверба во мерките и политиките што ги усвојува и ги спроведува Владата на Република Македонија, но и за научните анализи, истражувања и трудови кои произлегуваат од Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ и другите научно-образовни установи“, рече премиерот Заев во своето обраќање.

Генералната директорка на Евростат, Мариана Коцева зборуваше за важноста од потпишување на оваа декларација и за кодексот за работа на европската статистика и значењето од неговото почитување.

„Оваа декларација за посветеност кон довербата ќе им даде на граѓаните неопходни гаранции дека статистичките податоци произведени од Државниот завод за статистика се целосно објективни и непристрасни, и истотака произведени во согласност со најдобрите меѓународни практики”, истакна генералната директорка на Евростат, Мариана Коцева.

Министерот за финансии Драган Тевдовски во своето обраќање зборуваше за националниот статистички систем на Република Македонија и неговата усогласеност со европскиот статистички систем. Тој истакна дека во изминатата година е подобрен квалитетот и транспарентноста на податоците за буџетот. Тој посочи дека Министерството за финансии, како дел од Националниот статистички систем, активно работи на подобрување на квалитетот и достапноста на статистичките податоци кои ги произведува.

„Стратешки цели и приоритети на Владата се НАТО и ЕУ интеграциите, пораст на животниот стандард и подобар живот за граѓаните. Добрите статистички податоци се основа за носење на политикитe за постигнување на овие цели. Изминатата година активно работевме на подобрување на квалитетот на податоци во доменот на владината финансиска статистика. Едно значајно достигнување беше изработката и доставувањето на податоците за извршувањето на буџетот во годишната база на ММФ за владина финансиска статистика. Македонија за првпат достави вакви податоци“, рече Тевдовски и дополни дека Министерството заедно со Народната банка и Заводот за статистика континуирано работи на усогласување со европските практики.

Министерот за финансии Драган Тевдовски посочи и дека покрај квалитетот на податоците важна е и нивната достапност до јавноста и институциите и порача дека подобрувањето на фискалната транспарентност изминатава година била нотирана и во извештајот на Советот на ЕУ за напредокот на земјава.

На настанот на којшто се одбележуваше Денот на европската статистика присуствуваа и се обратија и Претседателот на Македонската Академија на науки и уметности, академик Таки Фити, Ректорот на Унивезитетот „Св.Кирил и Методиј“ проф. д-р Никола Јанкуловски, Деканот на Економскиот факултет во Скопје, проф. д-р Љубомир Дракулевски и Гувернерката на Народна банка на Македонија, Анита Ангеловска Бежовска.


Премиерот Заев за Денот на европската статистика: Веродостојните статистики се неопходен услов за креирање одржливи политики

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска во име на Владата на Република Македонија потпиша Декларација за посветеност кон доверба во официјалната статистика на настан којшто се одржа на Економскиот факултет во Скопје посветен на одбележувањето на Денот на еворпската статистика на кој имаше свое обраќање во кое истакна:

Дозволете ми на самиот почеток да го изразам моето големо задоволството што имаме можост заедно да го одбележиме Денот на европската статистика. Наш заеднички предизвик е да придонесеме за остварување на мотото на овој голем европски ден: Подобри податоци-подобар живот.

Владата на Република Македонија оцени дека е од голема важност за Република Македонија како дел од напорите за целосно имплементирање на европските вредности во Македонија, да ја усвои Декларацијата за посветеност кон доверба во официјалната статистика и тоа го направи на својата 93-та седница, одржана на 9.10.2018 г.

Денеска ја имам честа да ја потпишам Декларацијата за посветеност кон доверба во официјалната статистика. Особена чест ми претставува што тоа ќе го направам токму овде во Амфитеатар 1 на Економскиот факултет кадешто и лично следев предавања додека бев студент на Економскиот факултет, вклучително и предметот статистика.

Со усвојувањето на декларацијата Владата на Република Македонија формално се заложува за преземање на сите неопходни мерки за зацврстување и одржување на довербата во официјалната статистика и за следење на спроведувањето на Кодексот за работа на европската статистика.

Со усвојувањето на оваа декларација, Република Македонија официјално од денеска се приклучува кон земјите кои веќе ја имаат потпишано оваа декларација: Шведска, Словенија, Ирска, Белгија, Грција,  Романија, Црна Гора и Албанија.

Веродостојните статистики се неопходен услов за креирање одржливи политики и научни истражувања базирани врз докази и добра функционална демократија. Во таа смисла кредибилитетот на Националниот статистички систем е еден од неопходните услови за доверба во мерките и политиките што ги усвојува и ги спроведува Владата на Република Македонија, но и за научните анализи, истражувања и трудови кои произлегуваат од Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ и другите научно-образовни установи.

Почитувани,

Особено ме радува фактот што македонскиот статистички систем се развива и ќе продолжи да се развива во согласност со правилата и стандардите на Европскиот статистички систем. Државниот завод за статистика денес претставува синоним за независна институција која постојано ги унапредува и модернизира своите истражувачки процеси и методологии согласно европските пракси и стандарди.

Ваквите позитивни резултати од работењето на ДЗС се потврдени. Директорот Симовски ме информираше дека со последното партнерско оценување се наведува дека Државниот завод за статистика од повеќе аспекти веќе e во согласност со Европскиот кодекс на статистички практики и како институција е блиску споредлив со статистичките институции на многу ЕУ земји.

Ова е голем успех за Државниот Завод за статистика и за Република Македонија!

Во една прилика посочив дека најголем предизивик за економски развој на земјата е членството во ЕУ и НАТО. Денешниот ден преку потпишувањето на декларацијата претставува симболичен чекор напред поблиску до таа цел.

Преку оваа декларација изразуваме целосна посветеност кон:

  • поддршката на ДЗС и другите производители на официјални статистики за одржување на довербата на јавноста во нивната работа, вклучувајќи и соодветни активности ако е потребно;
  • обезбедувањето услови за одржливо функционирање на македонската национална статистика во согласност со Кодексот за работа на европската статистика;
  • целосното почитување на меѓународните и европските стандарди за квалитетот на статистиката, особено на Кодексот за работа на европската статистика;

Ова се само дел од заложбите пропишани во декларацијата.

На самиот крај, пред да ја потпишам декларацијата дозволете ми уште еднаш да го честитам Денот на Европската статистика – во духот на европските вредности да ја продолжиме одличната инситуционална соработка помеѓу Владата на Република Македонија, Евростат и Државниот завод за статистика и Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ со цел подобрите статистички податоци да придонесат и кон подобар квалитет на живот за сите граѓани на Република Македонија!