29/11/2024
Македонија

Над 320.000 пензионери ќе добијат пензија една недела порано, исплатата ќе се врши етапно

Исплатата на априлските пензии почнува од утре. За да се овозможи поголема заштита на пензионерите во услови на опасност од коронавирусот КОВИД-19, пензиите ќе бидат исплатени предвреме, а подигнувањето во експозитурите на банките ќе се реализира во четири групи. Етапното процесирање на пензиите ќе овозможи спроведување на препораките и мерките за спречување и ширење на вирусот, дотолку повеќе што пензионерите како возрасна група се најранливи.

Министерството за труд и социјална политика информира дека пензискиот систем е стабилен и функционира без проблеми. И во услови на здравствено-економска криза од глобални размери,  исплатата на априлската пензија ќе почне една недела пред први мај. Над 320 илјади пензионери ќе ги имаат пензиите на своите сметки од петок, 24-ти април.

Пензионерите кои користат платежна  картичка поврзана со сметката на која се префрлува пензијата, со парите можат да располагаат од петок, 24-ти април. Тие можат да ја подигнат пензијата на банкомат или да ги користат средствата за плаќање во трговската мрежа.

За пензионерите кои не користат картичка, готовинската исплата на пензиите на шалтерите на банките ќе се одвива во четири групи, според висината на пензијата, и тоа: 

  • за пензии до 11.000 денари, исплата во понеделник 27-ми април;
  • за пензии од 11.001-14.000 денари, исплата во вторник 28-ми април;
  • за пензии од 14.001-18.000 денари, исплата во среда 29-ти април и
  • за пензии повисоки од 18.001 денар, исплата во четврток, 30-ти април.

Министерството за труд и социјална политика укажува дека пензиите се сигурни на сметките на корисниците. Оние кои ќе одлучат да подигнат средства, апелираме да се придржувате до распоредот за исплати, затоа што само така покажувате одговорност кон себе и кон вашите најблиски. Етапната исплата е направена со цел да се намали метежот пред банките и можностите за загрозување на личното и јавното здравје.  

Министерството за труд и социјална политика потсетува на обврската за носење лична заштита заради спречување на ширење на коронавирусот и за заштита на населението за време на вонредна состојба. Сите кои ќе подигнуваат пари од банкомати или од филијалите и експозитурите на банките, се должни да носат каква било форма на заштита којашто ги покрива пределот на носот и устата (респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, свилена марама или шал, памучна марама или шал, бандана и слично). 

Исто така, при чекање ред пред и внатре во банките, треба да се запази минимум потребно растојание од најмалку два метра.