Наплатата на приходите во април за 1,4 милијарди денари повеќе од очекуваното
Наплатата на приходите во април е подобра за 1,4 милијарди денари од најоптимистичкото сценарио за реализација на приходите во услови на коронакризата.Наплатата на приходите од почетокот на годината е за 4,9% пониска во однос на минатата година. Согласно основното сценарио на Министерството за финансии за економскиот резултат во 2020 година проектирано е забавување на економската активност за -3,4% со тоа што ефектите од корона кризата врз економијата, се очекува да бидат најголеми во второто тримесечје, во третото се очекува забавување на контракцијата, додека во четвртото закрепнување на економијата и раст. Ова беше соопштено на прес-конференцијата на министерката за финансии Нина Ангеловска и заменик-министерката за финансии Ширет Елези.
Буџетските приходи во месец април изнесуваат 14,2 милијарди денари, што претставува пад од 20% споредено со април минатата година, од кои даночните се 7,2 милијарди денари или за 31% помалку во однос на лани, додека придонесите се реализирани во износ од 5,5 милијарди денари што е на исто ниво со лани.
„Со оглед на рестриктивните мерки за заштита на здравјето на граѓаните, запирањето на економските активности или отежнувањето на некои синџири на набавка, падот на приходната страна е очекуван. Сепак во основното сценарио кое Министерството за финансии го имаше направено на почетокот на коронакризата, таканареченото поповолно сценарио, проектираниот пад за април е повисок од реализираниот, односно изнесува 40% на даночните приходи. Ова значи дека имаме подобра наплата за 1,4 милијарди денари во однос на корона проекциите за месец април, односно нашето разработено сценарио може да се каже дека било поконзервативно или претпазливо“, рече Ангеловска.
Најголемо натфрлање има кај данокот на добивка. Од вкупно наплатените приходи од данок на добивка во април кои изнесуваат 1.43 милијарди денари, 790 милиони денари се од уплатен данок на добивка по годишен биланс што е позитивен податок кој говори за успешните резултати на компаниите остварени минатата година. Придонесите во април не бележат пад односно се остварени на ниво од минатата година. Што се однесува до расходната страна во месец април вкупните расходи се реализирани на речиси исто ниво како минатата година односно со раст од 0.7%.
Од почетокот на годината, заклучно април, наплатата на приходите во буџетот е за 4,9% пониска во однос на истиот период лани. Наплатата на даночните приходи е за 9,1% пониска во однос на лани, што најмногу се должи на падот на наплатата на ДДВ за 14,6%. Наплатата на придонесите има раст од 9,2% во однос на минатата година.
„Наплатата на придонесите има раст од 9,2% во однос на минатата година, што е показател дека годината започна одлично со раст на вработеноста и платите. Во растот на платите значајна улога одигра и мерката за поддршка на приватниот сектор за покачување на платите која ја искористија над 22.000 компании и ги покачија платите на околу 120.000 вработени. Вкупните приходи се реализирани во износ од 27.3% согласно планот, додека вкупните расходи 30.4%“, рече Ангеловска.
Заменик министерката за финансии Елези, одговарајќи на новинарско прашање, посочи дека поради намалената наплата на приходи во буџетот поради коронакризата, сервисирањето на потребите но и мерките за поддршка на стопанството, се обезбедуваат средства од меѓународните финансиски институции.
„Се обративме до меѓународните финансиски институции, преку ММФ и Светската банка, кои веќе ни го одобрија првиот пакет на финансиска поддршка. Од ММФ веќе се одобрени и веќе се префрлени средствата од 176 милиони евра, од Светската банка ќе се обезбедат 140 милиони евра, а исто така од Европската Унија ќе се обезбедат 160 милиони евра“, рече Елези.
Во однос на мерките Елези посочи и дека се одобрени низа кредитни линии преку Развојната банка, Kовид1 и Kовид2, односно 631 апликации. Веќе во најава е и третата фаза, како и дека се очекува одобрување на 51 милиони евра преку Европската инвестициона банка, кои ќе се пласираат преку Развојната банка, односно преку комерцијалните банки.
Министерката за финансии, Ангеловска посочи дека согласно резултатите за март и април, како и проекциите за светките економии и нашите најголеми трговски партнери, веќе е појасна сликата и може да се излезе со проекција за економскиот раст согласно основно сценарио.
„Гледаме дека и многу поразвиени економии како САД, Германија очекуваат значајно забавување на економиите годинава, односно негативен економски резултат. Проекциите на Меѓународниот монетарен фонд за нив се 5,9% и 7% респективно, додека за цела Европска унија 7,1%. За македонската економија ММФ проектираше 4% на почетокот на април. На крајот на април, Светска банка за земјава проектираше забавување на економската активност помеѓу – 1,4 до – 3,2% од БДП, односно од пооптимистично до понепосакувано сценарио. Основното сценарио на Министерството за финансии предвидува забавување на економската активност за -3,4% со тоа што ефектите од корона кризата врз економијата, се очекува да бидат најголеми во второто тримесечје, во третото се очекува забавување на контракцијата, додека во четвртото закрепнување на економијата и раст“, рече Ангеловска.
Очекувањата по компоненти на бруто домашниот производ се дека извозната компонента ќе се намали за 16,8% на реална основа. Здравствените мерки кои веќе делуваат и ќе делуваат на услужниот сектор, транспорт, угостителството, туризам, дејноста „уметност, забава и рекреација“, прометот на трајни добра, но и врз дел од индустриските капацитети и градежната дејност ќе се одразат врз потрошувачката и инвестициите.
Позитивен инпут се очекува да даде јавната потрошувачка главно како резултат на зголемените расходи за здравствениот сектор, и се очекува да забележи раст од 2,7%. Увозната побарувачка, во услови на очекуван пад на извозната активност, инвестициите во капитални/трајни добра, како од страна на деловните субјекти така и од домаќинствата, се предвидува да се намали, оттука, нето-извозната побарувачка, во услови на поголемо апсолутно намалување на увозот од извозот на стоки и услуги, делумно го неутрализира негативниот придонес на домашната побарувачка врз економската активност.
Стапката на инфлација во земјата во првиот квартал од 2020 година изнесува 0,6%, што упатува на одредено надолно отстапување во однос на проектираната инфлација. Проекцијата за странската ефективна инфлација во 2020 година е ревидирана во надолна насока. Истовремено, ценовните движења на светските берзи, т.е. увезените цени се очекува да предизвикаат надолен притисок врз домашните цени. Имајќи го ова предвид, како и очекуваниот негативен производен јаз, стапката на инфлација во земјата за 2020 година е проектирана на -0,2%.