25/11/2024
Македонија

Николиќ: 97 професионални војници со навршени 45 години ќе преминат на работа во казнено-поправните установи

Државниот секретар во Министерството за одбрана, Драган Николиќ денеска заедно со директорот на Управата за извршување санкции, Јовица Стојановиќ, даде изјава за медиумите каде се потенцираше грижата за професионалните војници со навршени 45 години кои досега беа дел од Армијата.

Николиќ истакна дека изминатиов период во консултација со повеќе надлежни институции, со синдикатите во одбраната се изнајде оптимално решение кое засега стотици професионални војници на кои им завршува службата во нашата Армија. Тој додаде дека од утре 1. Ноември, 97 професионални војници кои ја достигнале границата од 45 години возраст ќе ја продолжат својата работна кариера во Казнено поправните установи низ Републиката се до нивното пензионирање.

„Со решавањето на овој проблем за овие стотина професионални војници, покажуваме и дека целосно сме посветени на човечките капацитети и на нивната мотивација, интерес и желба да продолжат да го даваат својот максимум, во служба на државата. Тие се обучени за оваа работа и ќе можат да го практикуваат своето знаење, се што во нив вложила Армијата и државата, и на новото работно место. Со овој проект им обезбедуваме на професионалните војници, решавање на егзистенцијалното прашање, најважното прашање, до исполнување на условите за пензија. На истиот тој начин, продолжуваме посветено и одговорно да работиме за секој припадник кој ќе го исполни условот и ќе влезе во државна служба.“ рече Николиќ.

Директорот на Управата за извршување санкции, Јовица Стојановиќ рече дека на негово огромно задоволство Казнено поправните установи се стекнуваат со квалификуван кадар, спремен и подготвен да ги извршува задачите на новите работни места.