30/11/2024
Македонија

Николовски: Работиме на долгорочна стратегија за земјоделството да биде стожер на македонската економија

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски денеска присуствуваше на годишното собрание на Националната федерација на фармери. Николовски во своето обраќање ги презентираше мерките од новите Програми за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, како и идните политики на кои ќе работи министерството. 

Воедно, посочи дека отворената комуникација и директните средби со земјоделците и земјоделските здруженија се важни за креирање на соодветни мерки за развој на земјоделството и нивна ефикасна имплементација. Националната федерација на фармери како економско-социјален партнер на МЗШВ е член на потсекторските групи во рамки на МЗШВ и како таква активно учествува во подготовка на годишните програми и политиките за развој на земјоделството. 

„Земјоделството е значаен сектор за македонската економија, учествува со околу 10 отсто во бруто-домашниот производ и со голем процент на ангажираност на работна сила, но се соочува со сериозни предизвици, поради што посветено работиме на вклучување на сите чинители заради креирање на соодветни политики. Се надевам дека во рамки на потсекторските групи во склоп на МЗШВ заедно со социјално-економските партнери и со професорите ќе креираме соодветни мерки и стратегии за развој на земјоделството. Имаме уште многу работа, ова е само почеток, и ова е само трасирање на патот на стабилизирање на земјоделството. Пред нас е макотрпна заедничка работа која што сум убеден дека во периодот што следи ќе даде позитивни показатели и дека земјоделството ќе биде стожер на нашата економија“, изјави министерот Николовски.

При тоа министерот посочи дека се преземаат активности во делот на изградба на откупно-дистрибутивни центри на кои заеднички се работи со Факултетот за земјоделски науки и храна. Во текот на месец мај факултетот ќе ја презентира стратегијата за откупно-дистрибутивните центри која ќе даде точни податоци во кој регион што треба да се прави во однос на откупните центри. До крајот на годината Светска банка ќе обезбеди 20 милиони евра исто така за проектите за откупно-дистрибутивни центри. Овие активности како што потенцираше Николовски се важни за обезбедување на сигурен пласман на земјоделските производи и решавање на вишоците на производи. 

Во однос на барањето на Националната федерација на фармери за измени на мерката 115 од четири годишната Програма за рурален развој 2018-2021, а која се однесува на жените од руралните средини, Николовски информираше дека веќе се работи на измени на оваа мерка, информацијата е во владина процедура и  по завршувањето на претседателските избори ќе биде и формално изменета. Воедно, посочи дека се воведува и нова мерка која се однесува на жените од руралните средини и којашто предвидува поддршка од 3.000 евра. 

Министерот Николовски ги презентираше и другите нови мерки планирани за оваа година, како што е воведувањето на евтината зелена нафта за земјоделците, зголемената поддршка за младите земјоделци од 10.000 на 20.000 евра, новата мерка за малите земјоделски стопанства, поддршката за инвестиции во преработувачката индустрија, мерките од ИПАРД 2 програмата и друго.