30/11/2024
Македонија

Николовски: Ја подобруваме бизнис климата во агро-секторот, 2019-та ќе биде година на економијата

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, заедно со директорите на Агенцијата за финансика поддршка во земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски, и на Државниот инспекторат за земјоделство Благој Индов, на покана на претседателот на Регионалната   стопанска комора од Кавадарци, Никола Наумов, одржаа работен состанок со бизнис заедницата од тиквешијата. На состанокот, присуствуваа претставници од винариите, откупните центри и земјоделските стопанства. 

Министерот Николовски, посочи дека лозарството е стратешка гранка, и оваа Влада посветено работи на поттикнување за зголемување на површините. Николовски, информираше дека исплатени се речиси сите заостанати субвенции од 2013- та до 2016- та како и по програмата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој за 2017- та. Но, ги извести бизнисмените дека се подготвува и „Нов модел за субвенционирање“,  за кои што преку Проект од ЕУ е направена анализа. 

Николовски ги информираше бизнисмените дека во наредните денови ќе биде објавен нов повик за ИПАРД 2. Годинава како што истакна ќе бидат обезбедени 2,5 пати повеќе средства од Буџетот за кофинансирање на проектите од ИПАРД 2 Програмата. 

„Како Влада и ресорно министерство работиме на создавање на поволни бизнис услови за компаниите од агро-секторот. Во тој контекст ве информирам дека во наредниот период ќе биде објавен вториот Повик од ИПАРД 2 програмата Мерка 3 „Инвестиции во преработувачки капацитети“.  Со оваа мерка ќе се овозможат нови инвестиции во преработувачка индустрија, создавање на производи со додадена вредност што пак ќе влијае  и врз пласманот на земјоделските производи. Паралелно, посветено работиме на реализација на капитални инвестиции во водостопанството за што во новиот буџет на МЗШВ, се издвоени околу 428 милиони денари или 290 милиони денари од годинава.  Во насока на создавање на поволна бизнис клима, работиме на измена на неколку закони  како Закон за земјоделско земјиште, Закон за советодавни услуги, нови огласи доделување под концесија за нератрактивно земјиште и за инвеститори“ – порача министерот Николовски.

На состанокот беа презентирани мерките и политиките кои ги презема МЗШВ, во делот на овоштарството, лозарството и другите култури. Бизнисмените се интересираа за ИПАРД ИПАРД програмата, за дел од постоечките мерки од Програмата за директни плаќања и за Новиот модел на субвенционирање.