Николоски: До март следната година ќе имаме комплетни проекти за сите косини на автопатот Охрид – Кичево, стојам зад сите рокови што ги спомнав за пуштање во употреба на автопатот
Еден од најголемите проблеми на автопатот Охрид – Кичево се косините на трасата бидејќи навреме не се испитувала геологијата на земјиштето. Но решение има и до март следната година ќе имаме комплетни технички решенија за сите косини по трасата на автопатот, потенцира вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски во гостувањето во поткастот “Бизнис муабети”.
“Не биле направени детални геолошки истражувања. Се однесува на сите претходни влади, кога почнале да работат требало да ги направат истражувањата. И тоа се однесува на секцијата од Врбјани до над Кичево, таа е планинска секција. Таму мислам дека се работело по логика. Секоја планина е најчесто карпа, а таму има комплетно друга геoлогија каде долниот дел е ровка земја, а горниот тврда земја. Затоа се случува косините да се спуштаат, една, две, три години да се стабилни и после три години да се спуштат. Но има и за тоа решение, науката отиде напред. До март месец ќе имаме комплетни проектни решенија за сите косини што се спуштаат по трасата. Најлесно е да го изградиме и да го пуштиме и после две, три години да се спуштат, па потоа пола траса да ја затвориме да чистиме итн. Мораме да имаме решенија кога ќе го пуштиме автопатот да биде целосно функционален. Јас кога станав министер ги собрав сите најголеми умови во Македонија во овој дел, заедно со меѓународни експерти а помогнаа и Синохидро со свои експерти и решенијата се гледаат” изјави заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.
До почеток на летната сезона ќе пуштиме за сообраќај околу 40 километри од потегот од Врбјани до Охрид, а до крај на 2026 година како што ветивме ќе го изградиме целиот автопат, додаде министерот Николоски.