Обезбедени услови за мултимилионска германска инвестиција – електричните возила e-go ќе се произведуваат во Тетово
Владата на Република Северна Македонија денеска, преку видеоконференциска интернет комуникација ја одржа редовната 68 седница, на која донесе повеќе одлуки и заклучоци од интерес на граѓаните.
На седницата беше усвоена Информацијата и донесена Одлука за давање согласност на Договорот за доделување на државна помош склучен помеѓу Владата на Република Северна Македонија, застапувана и претставувана од Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони и „НЕКСТ.Е.ГО МОБИЛЕ“.
Во Република Северна Македонија ќе се произведуваат електричните возила e-go.
Мултимилионска инвестиција од НЕКСТ.Е.ГО МОБИЛЕ СЕ, Ахен, Германија во ТИРЗ Тетово ќе отвори 3-4.000 нови работни места.
Ова е за првпат во автомобилската индустрија кај нас да се продуцира целосен автомобил и се разбира за првпат ќе се произведуваат електрични автомобили.
Придобивките од оваа инвестиција се многукратни – од отворање на нови работни места, извоз на производи со голема додадена вредност, пренос на знаење и технологии, мапирање на земјава кај странските инвеститори во оваа фела, до договори и дополнителна работа за локални компании.
На денешната седница беа донесени и две одлуки кои се однесуваат на заштита на домашното производство и стандардот на потрошувачите.
Едната одлука, доставена од Министерството за економија и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, се однесува на дополнување на Одлуката за ограничување на извозот на одделни стоки, која ќе важи и за семе од сончоглед, вклучувајќи кршено или дробено.
Со дополнувањето, кое важи до 31 декември 2022 година, се овозможува по завршувањето на жетвата, која треба да започне во втората половина на август, најпрво да се обезбеди снабдување на домашниот пазар односно домашните капацитети на производство на масло од сончоглед за јадење.
Забраната за извоз на семе од сончоглед има за цел да се избегне зголемување на цената на сончогледовото масло за јадење.
Владата донесе и Одлука за посебни услови за трговија на одделни стоки, со која се определува највисоката трговска маржа, во висина од најмногу до 10 проценти, како посебен услов во трговијата за следните стоки: огревно дрво од даб, огревно дрво од бука и пелети за огрев.
Одлуката важи за сите трговски друштва и трговци-поединци кои учествуваат во трговијата на мало во продажбата на огревно дрво и пелети за огрев, со цел да се заштитат потрошувачите од неконтролирано покачување на цените на стоките за огрев.
Оваа Одлука ќе се применува до крајот на годината, до 31 декември 2022 година.
На денешната седница, министрите донесоа заклучок, со кој се задолжи Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) да достави информација до Владата за состојбата со африканската свинска чума во земјата и да се преземат активности за формирање Координативно тело за ефикасно институционално справување со последиците од оваа болест и заштита на свињарските фарми.