Објавена е „Комуникациска стратегија на Владата на Република Северна Македонија за 2019 – 2020 година“ со дефинирани и видливи стандарди за отворена комуникација меѓу Владата и јавноста
Владата на Република Северна Македонија денеска го објави документот „Комуникациска стратегија на Владата на Република Северна Македонија за 2019 – 2020 година“ (www.vlada.mk/komunikaciska-strategija), кој ги дефинира стандардите за отворена комуникација меѓу Владата и јавноста.
Целта на оваа стратегија е да обезбеди видлив и достапен систем за односи со јавност, како целосно нов концепт за активна транспарентност и отчетност на владините институции кон граѓаните. Стратегијата обезбедува нова комуникациска култура за критичка и слободна јавна дискусија во иницирањето, креирањето и спроведувањето на амбициозната програма за политички и демократски реформи и за враќање на довербата на граѓаните во институциите на системот. Со овој документ дефинирани се правци за професионален развој на владините комуникатори, стандарди за кампањи од јавен интерес, а за првпат е усвоен и етички кодекс за владини комуникатори. Според овие стандарди, владините комуникации, и практично и официјално, се подредуваат според правилата на етичкото, одговорно и професионално комуницирање.
„Комуникациската стратегија на Владата на Република Северна Македонија за 2019 – 2020 година“ е придонес за видливоста и гласноста за работењето на Владата и во исто време им овозможува на професионалните и на независните медиуми да го изразат ставот на граѓаните и интересот на јавноста.
Стратегијата, како концепт за отвореност и сервисна ориентираност на Секторот за односи со јавноста на Владата не е наследена, ниту можеше да се најде низ институционалните протоколи за работа на Владата до 2017 година. Во изработката на стратегијата со свои визии, водство и придонес, учествуваа и претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, министрите и владините комуникатори, а при тоа во целост беа земени предвид и гласот и ставовите на јавноста и на медиумите, како и демократските вредности, како што се отчетноста, услужноста и слободата на изразувањето.
Комуникациската стратегија ги утврдува и ги става на увид на јавноста организациската поставеност на ПР секторот, целите и функциите на еден професионален систем со план за комуникации за петте стратешки столба на владините политики како што се: Ние сме НАТО, одиме во ЕУ; Силна економија – шанса за сите; Држава за граѓаните – вложуваме во луѓето, се грижиме; Едно општество, праведно и еднакво за сите; и Отворена влада во служба на граѓаните.
Стратегијата за комуникација со јавноста за 2019-2020 е резултат на речиси двегодишен ангажман и соработка на владините службеници за односи со јавност кои, согласно определбата на Владата да биде отворена, се вложија во создавањето систем за демократски и сервисен систем за владини комуникации, остварен во соработка со Владата на Обединетото Кралство, на УСАИД и на Институтот за комуникациски студии.