Се укинува забраната за движење; Донесена одлука за финансиска поддршка на превозниците на патници во меѓународниот сообраќај
Владата на Република Северна Македонија на денешната 79-та седница ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести и ги донесе следните одлуки:
- Почнувајќи од 16 јуни 2021 година (среда), престанува да важи забраната и посебниот режим на движење на лица и возила од јавен превоз на територијата на Република Северна Македонија.
- Исто така од утре, 16 јуни, се укинува ограничувањето на работното време на сите угостителски објекти и угостителскиот објект/дел за исхрана во угостителските објекти за сместување (хотел, мотел, хостел, пансион и друг објект за сместување), на бензинските станици, казината и обложувалниците и други објекти кои во склоп на истиот даваат угостителски услуги, а за време на работно време се дозволува работа само на отворените делови – тераси од угостителскиот објект, освен служење пијалаци во внатрешноста на казината и автомат клубовите.
- Владата донесе заклучок да се дозволи одржување на настани на отворено со 50% од капацитетот на просторот каде што ќе се одржува настанот и ограничен број на посетители до максимум 1000 посетители.
- Согласно препораката на Комисијата за заразни болести од утре е дозволено организирање на свадби, прослави, веселби на отворен простор/летни тераси со максимум 50% исполнетост на капацитетот на отворениот дел, наместо максималните 100 гости како што беше до сега.
- Владата донесе заклучок да престане да важи обврската угостителскиот објект во кој има прослава да ја регистрира и пријави прославата во угостителската комора која води регистар на свадби, прослави и останати веселби.
Соодветно на овие заклучоци и одлуки, Владата препорача да се измени и дополни Протоколот за организирање на свадби/прослави и веселби.
На оваа своја седница Владата донесе Одлука за одобрување на средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година за исплати на финансиската поддршка за регистрираните превозници за меѓународен линиски и/или слободен превоз на патници кои ги исполнуваат условите за доделување на помошта од мерки 7 и 8 од петтиот сет на економски мерки за ревитализирање на економијата во услови на КОВИД–19.
Со мерката 7 е предвидена финансиска поддршка на компаниите кои вршат меѓународен превоз на патници кои се запишани во регистарот на превозници што се води во Министерството за транспорт и врски, а кои вршат меѓународен линиски превоз на патници. Врз основа на анализата на горенаведените податоци, предлог пресметката опфаќа 50 компании со вкупен број на вработени 951 (со различен број на часови на кои се осигурени). Во предлог пресметката предвидено е да бидат исплатени 13.653.750,00 денари за исплата на компаниите.
Со Мерката 8 – Финансиска поддршка за превоз на патници во патниот сообраќај, е предвидена скалеста поддршка на транспортните компании регистрирани во регистарот на Министерството за транспорт и врски кои поседуваат лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници, при што минималниот износ ќе изнесува 3.000 евра, а максималниот износ на поддршка ќе изнесува 10.000 евра.
На предлог на заменик претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, Владата денеска ја разгледа Информација за преземање мерки и активности за дигитализација на процеси и ги задолжи сите министерства да подготват измени и дополнувања на законските решенија кои опфаќаат дигитализација на процеси поврзани со постапки утврдени со закон и да ги направат сите подготовки за приклучување кон Националната платформа за интероперабилност.
Овие препораки се однесуваат и на единиците на локалната самоуправа, и тие, заедно со сите органи на државната управа треба да достават барање за пристап до податоците на Централниот регистар на население, и најдоцна до првиот квартал на 2022 година да ги преземат сите активности за набавка на потребната информатичка опрема за непречено приклучување кон Националната платформа за интероперабилност.
Целта на овие мерки и активности за дигитализација на процеси е Централниот регистар на население, во кој се интегрирани податоците што ги водат Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда – Управата за водење на матичните книги и Централниот регистар, преку Националната платформа за интероперабилност, да стане точката од која ќе се влечат информации за граѓаните за да се елиминира потребата тие лично да ги доставуваат податоците и документите и на тој начин да се забрзаат и автоматизираат процесите за издавање на голем број потребни документи и за нивна дистрибуција до граѓаните преку алатки за електронска комуникација.
Владата на Република Северна Македонија денеска ја разгледа и усвои Информацијата и донесе Одлука за формирање на Комисија за следење на спроведувањето на мерките од Акцискиот план за Преспанско Езеро подготвен од Експертската работна група, и ги задолжи надлежните институции утврдени во Акцискиот план да обезбедат финансиски средства за реализација на предвидените мерки.
На денешната седница е донесена Одлука за формирање на Национално координативно тело за имплементација на Конвенцијата на Совет на Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејното насилство со кое ќе претседава Министерката за труд и социјална политика.