23/11/2024
Македонија

Одлука за прераспределба на буџетски средства за ефикасно спроведување на тековни програми; Се докапитализира Развојната банка за спроведување на КОВИД-19 мерките

Владата на Република Северна Македонија на денешната 29-та седница ја донесе Одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите.

Целта на оваа прераспределба, со која се алоцираат нешто повеќе од 1,3 милијарди денари, односно околу 20 милиони евра, е да се обезбедат дополнителни средства за зајакнување на фондот за набавка на вакцини против КОВИД-19, за исплата на еднократен паричен надомест за медицински лица и помошен персонал ангажирани во лекувањето на пациенти заболени од КОВИД-19,  за поддршка на развојот преку гарантирање на кредити за обртни средства и на кредити за основни средства одобрени од страна на банки и штедилници – Гарантен фонд, за Развојната банка на Северна Македонија, за подмирување на обврски на јавните здравствени установи, исплата на државна помош по основ на склучени договори, склучување на вонсудски спогодби со поранешните вработени од СЈО за подмирување на обврските за плати и надоместоци, за постигнување и одржување на поголем степен на програмски и техничко-технолошки развој на јавниот радиодифузен сервис, како и обезбедување на средства за подмирување на тековните приоритетни обврски на одредени буџетски корисници.

На оваа седница Владата ја донесе и Одлуката за зголемување на почетниот капитал на Развојната банка на Северна Македонија АД Скопје.

Целта на предложената докапитализација на Развојната банка е зголемување на поддршката за приватниот сектор преку поддршка на извозот, особено во услови на отежнато работење и намалена ликвидност предизвикана од пандемијата на КОВИД-19, како и олеснување на пристапот до суровини за преработка.

Со оваа одлука ќе се обезбеди реализацијата на мерката за издавање на царински гаранции во вкупен износ од 3 милиони евра која беше утврдена со четвртиот пакет на економска поддршка на компаниите од приватниот сектор за ревитализирање на економијата во услови на КОВИД-19.

На денешната седница Владата ја усвои информацијата за извршување на одлуката на Уставниот суд на Република Северна Македонија во однос на спроведувањето на поништувањето на поединечните акти и дејствија преземени врз основа на Уредбата со законска сила за јавнообвинителските службеници, истражителите и другите вработени во Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите (СЈО) за време на вонредната состојба.

Владата донесе заклучок да му препорача на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија во рок од 30 дена од усвојувањето на оваа информација и обезбедувањето на финансиските средства, на јавнообвинителските службеници и другите лица вработени во СЈО,  да им понуди склучување на вонсудска спогодба со која јавнообвинителските службеници и другите лица вработени ќе се согласат дека со исплатите на плата и други надоместоци  за месеците декември 2019, јануари, февруари и март 2020 година исплатени по присилен пат преку Управата за јавни приходи ги оствариле правата од работен однос за исплата на плати и други надоместоци за наведените месеци, а Јавното обвинителство на Република Северна Македонија се согласува да од неговата трезорска сметка, потпрограма 21, расходна ставка 464 – разни трансфери, се изврши исплата на  платата и други надоместоци според пресметката на Управата за јавни приходи во постапката за присилно извршување за месеците април, мај и заклучно со 30 јуни 2020 година.

Со склучувањето на вонсудската спогодба јавнообвинителскиот службеник и лицето вработено во СЈО се откажува од камати или било какви други надоместоци и трошоци во било каква постапка и се обврзуваат да ги повлечат тужбите по основ на плати, камати и други надоместоци.

Владата го задолжи Министерството за финансии на буџетската сметка на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија да додели средства од 13.350.000,00 денари, заради исполнување на обврските по вонсудските спогодби за плати и други надоместоци, а му препорачува на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија доколку во определениот рок не склучат вонсудските спогодби, за тоа да го известат Државниот правобранител на Република Северна Македонија заради преземање на соодветни правни средства, информирајќи го за висината на исплатените плати и на средствата уплатени по фондовите по основ на придонеси и даноци.

Владата на Северна Македонија на Собранието ќе му ги достави на усвојување Предлог Стратегијата за регионален развој 2020 – 2030, и Предлог законот за рамномерен регионален развој, кои беа утврдени на денешната седница, на која беа усвоени и измените и дополнувањата на Програмата за Рамномерен регионален развој за 2020 година.

Со Стратегијата за регионален развој 2020-2030 на Република Северна Македонија како долгорочен плански документ со кој се утврдуваат принципите, целите и приоритетите на регионалниот развој во Република Северна Македонија и се дефинираат мерките, инструментите и финансиските и други средства за нивна реализација, а со Законот за рамномерен регионален развој се обезбедуваат правни инструменти за поддршка за спроведување на рамномерниот и одржлив развој на целата територија на Република Северна Македонија, заснован врз моделот на полицентричен развој, намалување на разликите меѓу планските региони и подигнување на квалитетот на животот на сите граѓани во сите региони и локални заедници