Одржана првата седница на Комисијата за јавно-приватен дијалог со министрите од новиот состав на Владата
Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денес ко-претседаваше со седницата на Комисијата за јавно-приватен дијалог, која се одржува на редовно месечно ниво, а е прва со дел од ново избраните министри на Владата на Република Северна Македонија. На седницата присуствуваа и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити, директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска, како и државните срекретарки на министерството за економија, Размена Чекиќ Дуровиќ и на министерството за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, додека од страна на коморите, кои заедно го спроведуваат проектот „Платформа за јавно-приватен дијалог“, присуствуваа претседатели, заменици претседатели, извршни или оперативни директори на Стопанската комора на Македонија, Сојузот на стопански комори, Стопанската комора на Северозападна Македонија и од МАСИТ.
Во воведното излагање, вицепремиерот Битиќи нагласи дека Владата и во овој состав останува отворен и искрен партнер на стопанството и дека сите важни теми за општетството, економијата и за граѓаните ќе бидат отворено дискутирани, а решенија за предизвиците ќе се наоѓаат преку консултативен дијалог во кој ќе бидат вклучени сите засегнати страни.
Вицепремерот кусо информираше дека е отворен социјалниот дијалог за зголемување на минималната плата, дека покачување на минималната плата мора да има, како и дека активно се работи со сите социјални партнери за донесување на најсоодветна методологија со која на одржлив начин на подолг рок ќе се регулира понатамошно покачување и усогласување на минималната плата во Република Северна Македонија.
На овој состанок министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, информираше за статусот на подготовката на измените во Законот за работни односи кои се однесуваат за „недела неработен ден“, како и за статусот на новиот системски закон за работни односи, а на инцијатива на стопанските комори се отвори дискусија за потребата за измени на Законот за празници кој е во надлежност на МТСП.
Министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити, ги претстави тековните активности и плановите на министерството за интегрирана, целосна и итна дигитализација на процесите на државните служби, кои се неопходни да се спроведат за да се унапредат услугите кон граѓаните.
На состанокот се зборуваше и за Законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема, статусот на гасификацијата во земјата, како и унапредувањето на сите активности на Управата за јавни приходи, како една од клучните институции за релациите помеѓу бизнисот и владата.