Попишани се 1.768.710 граѓани, оние кои не оствариле контакт со попишувачите да се јават во пунктовите за попишување во општините
Портпаролите на Владата на Република Северна Македонија, Душко Арсовски и Муамед Хоџа, на денешната редовна прес-конференција информираа за заклучоците и одлуките донесени на последната 108 седница на Владата и одговараа на прашања од интерес на јавноста.
Тие соопштија дека Владата на вчерашната седница ја разгледа и усвои информацијата за потребата од склучување на Договор за грант за партнерство за развој меѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави.
Со овој договор е предвидено САД да ја зголеми вредноста на грантот за партнерство со Северна Македонија од 8,2 милиони на 56,6 милиони долари, а Договорот ќе го потпише министерот за финансии Фатмир Бесими.
Овие средства УСАИД ќе ги додели во текот на следните 5 години за проекти за зајакнување на економската конкурентност, за зголемување на придонесот на младите во општеството, како и за проекти и програми за намалување на корупцијата.
На оваа седница портпаролите информираа дека Владата ја утврди мерит процедура за селекција и назначување на членови на управните и на надзорните одбори во јавните установи, односно воведување на транспарентност во постапката за пријавување и селекција, како и намалување на бројот на членови на управните и надзорните на јавните установи.
Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за установите ќе биде доставен до Собранието за понатамошна постапка.
Тие соопштија дека на вчерашната седница Владата даде зелено светло за обезбедување на бесплатен национален ви-фи на отворени јавни површини.
Во рамките на оваа информација соодветните институции се задолжени да достават предлог-листа на локации за обезбедување бесплатен ви-фи на цела територија на државата.
На прес-конференцијата портпаролите ги соопштија и последните податоци поврзани со Пописот, при што според Државниот завод за статистика до синоќа до 20:00 часот се попишани 1.768.710 граѓани, 548.694 домаќинства и 795.494 станови. Во однос на дијаспората до изутрината се самопопишале 201.247 наши иселеници.
„Апелираме до сите оние граѓани кои од кои било причини досега не успеале да остварат контакт со попишувачите, но и до оние граѓани кои во овие два дена нема да бидат дома, да ја остварат својата законска обврска во пунктовите за попишување во своите општини.
Пописот е операција од витално значење за државата, за да може да се прават стратегии за развој. Оттаму, учеството во пописот е можност за секој граѓанин сам да придонесе во креирање на сопствената и заедничката иднина“, посочија портпаролите на Владата.
На новинарско прашање за тоа дали ќе биде потребно дополнително време за пописот, тие посочија дека на вчерашната владина седница не се разговарало за ова и дека сите капацитети се насочени кон тоа да биде завршена операцијата во законскиот рок, односно до утревечер.
„Секако последниот збор ќе има Државниот завод за статистика. Она што се информациите оттаму е дека на неполни два дена до завршувањето на теренското попишување на целата територија на државата се прават финални проверки за евентуално пропуштени граѓани и веќе се затвораат пописните кругови, во Скопје каде што има најголема концентрација на население сите расположливи капацитети на попишувачи се на терен и ги посетуваат домаќинствата кои досега не биле посетени. Ова активност ќе се спроведува до самиот крај на пописот, тоа е до утре, четврток до 20:00 часот“, посочија портпаролите.
На новинарско прашање за процесот на проширување на Европската Унија со земјите од Западен Балкан, портпаролите на Владата истакнаа дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, при вчерашната работна посета на Скопје беше прецизна дека иднината на Северна Македонија е во ЕУ.
„Фон дер Лајен од Скопје испрати порака за силна поддршка, оддаде признание за постигнатиот напредок во реформите и рече дека е ангажирана на тоа до крајот на годинава Северна Македонија да ги почне преговорите за членство. Со сè што го постигнавме, Владата смета дека тоа е целосно заслужено, и дека тоа ќе биде најдобра потврда дека политиката на проширување на Унијата не е само декларативна“, посочија портпаролите.