Поради топлотниот бран препораки за ослободување од работните обврски на бремените жени и лицата на возраст над 60 години, децата во градинките да немаат физички активности од 11:00 до 17:00 часот
Владата на Република Северна Македонија, денеска, преку видеоконференциска интернет комуникација ја одржа 70-та седница на која, беа донесени препораките за намалување на ризиците од високи температури, во времетраење од два дена, 18-19.8.2022 година (четврток и петок).
На укажување од Министерот за здравство, дека според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи во следните два дена, територијата на целата држава ќе биде зафатена од високи температури – портокалова фаза, Владата ги донесе следните препораки:
1. Ослободување од работните обврски на најранливите групи на население, како што се бремените жени и лицата на возраст над 60 години.
2. Во установите за згрижување на децата, (градинките) да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено од 11:00 до 17:00 часот.
3. Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран возраст, да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници.
4. Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.
5. Со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците потребно е соодветно организирање на работното време со избегнување престој на отворено од 11:00 до 17:00 часот.
Согласно овие препораки, Владата донесе заклучоци:
Државните органи и јавните претпријатија и установи да ги почитуваат препораките,
Се препорачува на приватниот сектор да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците и избегнување престој на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот,
Оваа мерка да биде со времетраење од два дена, до натамошно одлучување,
Работното време во градинките да се организира во периодот од 7:00 до 17:00 часот, при што да не се практикуваат физички активности и да не се изнесуваат децата на отворено по 11:00 часот.
Сите правни субјекти кои вршат активности на отворено да ги запрат активностите во периодот од 11:00 до 17:00 часот. Ова особено се однесува на градежните работници.