23/11/2024
Македонија

Посета на припадниците на АРМ во касарната „Чеде Филиповски-Даме“ во Кичево

Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили, д-р Ѓорге Иванов, денеска, на првиот ден од Новата година, ги посети припадниците на АРМ во касарната „Чеде Филиповски-Даме” во Кичево.

Претседателот Иванов на припадниците на АРМ кои извршуваат должност за време на новогодишните празници им ја честита Новата 2019 година, посакувајќи им многу здравје, среќа и радост, како и исполнување на сите нивни очекувања.

„Очекуваме оваа година да биде успешна за Армијата, односно Армијата да го добие тоа што и припаѓа, конечно да станеме членка на НАТО, да ја добиеме поканата и Македонија конечно да биде членка на НАТО”, истакна претседателот Иванов.

Македонскиот претседател имаше заеднички ручек со припадниците на АРМ во касарната „Чеде Филиповски-Даме”, а новогодишните празници, преку видео-конференциска врска, им ги честиташе и на припадниците распоредени на јужната граница како и на учесниците во мисиите во Авганистан, во Либан и во Босна и Херцеговина, на кои им посака успешно завршување на мисиите и враќање во своите домови.

Претседателот Иванов по повод новогодишните празници упати честитки и до сите граѓани на Република Македонија, посакувајќи им како што се сплотени, радосни и среќни за време на празниците, така да бидат и во текот на целата година.

„Живееме во време кога се случуваат огромни промени, како кај нас така и во регионот и во светот, и во овој период на големи промени, пред се треба да останеме луѓе, да се почитуваме меѓусебе, да си веруваме и да се насочиме кон иднината, да обезбедиме посигурна иднина за сите наши поколенија”, рече македонскиот претседател.

PRM_NG_Kicevo_02