26/11/2024
Македонија

После 32 години независност, службениците во одбраната добија свој закон

Денеска пратениците во Собранието на Република Северна Македонија со 97 гласа ЗА и ниту еден против, го донесоа новиот Закон за вработените во одбраната, прво законско решение со кое вработените во Министерството за одбрана ќе бидат вреднувани за својата професионалност, за својата посветеност и за местото кое го имаат во одбранбениот систем. Со овој Закон, во Министерството за одбрана се создава систем за управување со човечки ресурси согласно највисоките стандарди на НАТО.

Новото законско решение предвидува зголемен стандард на службениците во одбраната, унапредувања според МЕРИТ системот, создавање на услови за развој на персонал кој ќе работи на НАТО позиции, менување на статусот на вработените од кои еден дел ќе бидат и овластени службени лица, како и можности за вработување, но и стипендирање на кадри кои за одбраната претставуваат критична специјалност.

Согласно новиот Закон, статусот на вработените се подобрува и преку зголемениот пензиски стаж, како и заминувањето во пензија со 80% од десетте најповолни години од пензискиот стаж. Предвидена е и можност за вработување без јавен оглас за лица со попреченост. Со одредбите на Законот се внимава и на финансиската стабилност на семејствата на вработените, преку отворање на можност за вработување без јавен оглас за невработен член на семејството на починат вработен во Министерството и припадник на безбедносните сили.

Законското решение е изработено заедно со претставници на академската заедница, познавачи на одбраната, како и со претставниците на репрезентативниот синдикат и останатите синдикалните организации во одбраната.