23/11/2024
Македонија

Потпишан Меморандум за соработка за организација и спроведување на вежбата – „Северна Македонија 2020“

Во септември 2020 година Република Северна Македонија ќе биде домаќин на НАТО – Евроатлантскиот центар за координација на одговор при катастрофи (EADRCC) цивилна вежба за одговор при катастрофи – воедно досега најголемата и најмасовната вежба која ќе се одржи во земјава.

По овој повод, денес во Владата на Република Северна Македонија, директорот на Центарот за управување со кризи, м-р Агрон Буџаку и Заменик-помошник генералниот секретар за операции при НАТО, г-дин Џонатан Периш потпишаа Меморандумот за соработка за организација и спроведување на вежбата – „Северна Македонија 2020“.

Покрај потврдување на соработката помеѓу Република Северна Македонија и НАТО (EADRCC), со потпишувањето на Меморандумот за соработка за организација и спроведување на вежбата – „Северна Македонија 2020“, воедно, беа доделени и сертификати за опрема во склоп на проектот НАТО СПС, а кои ќе бидат користени и за вежбата.

Целта на вежбата е подобрување на интеоперабилноста и соработката на Република Северна Македонија со НАТО членките и другите членки на Партнерството за мир (ПзМ), со цел зајакнување на националните капацитети.

Центарот за управување со кризи е овластена институција од страна на Владата на РСМ, во соработка со другите релевантни субјекти од Системот за управување со кризи и ЕАДРЦЦ да ја организира вежбата во согласност со националната легислатива.