26/11/2024
Македонија

Потпишан меморандум за соработка за промоција на стручното образование во Македонија – стручните занимања нудат стабилно вработување и солидни плати

Денес во Владата на Република Македонија, потпишан е Меморандум за соработка за заедничка медиумска кампања за промоција на стручните занимања и стручното образование, чија главна цел е јакнење на свеста за значењето на овој тип образование и занимања, како и нивна промоција кај младите луѓе и нивните родители. Меморандумот во име на Владата го потпишаа министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, министерот за образование и наука, Арбер Адеми и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски, како и претставници на проекти кои се спроведуваат со поддршка на УНДП, УСАИД и Швајцарската агенција за соработка.

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев подвлече дека Владата активно работи на сите сегменти за поддршка на стопанството, најпрвин преку обезбедување на стабилна бизнис клима и обезбедување на висок степен на владеење на правото, како и за финансиска поддршка на компаниите.

„Многу важен елемент за компаниите е обезбедување на соодветен, стручен и професионален кадар. Тука се соочуваме со два проблеми. Првиот проблем е образовниот систем кој не соодветствува со реалните потреби и многу години наназад стимулираме образовен систем кој креира кадар кој не може да ја реализира својата практична примена во реалната економија. Имаме многу универзитети, во главно гимназиски средношколски систем кој промовира универзално знаење коешто е главно неприменливо по завршувањето на образованието, а оттука натаму имаме премногу универзитети кои креираат кадри кои не може да ја најдат својата иднина. Работиме да ја надминеме оваа ситуација на два начини, преку итни мерки како што е преквалификација, преобука, дообука на кадри за потребите на реалниот сектор, но и со системски мерки кои подразбираат создавање на професионални средни стручни училишта и реформа на системот на високо образование Ќе работиме на тоа да ја подигнеме свесноста кај учениците и родителите, дека со квалитетно стручно образование ќе имаат квалитетно и стабилно вработување“, нагласи вицепремиерот“, нагласи Анѓушев.

Министерството за труд и социјална политика, како креатор и имплементатор на политиките, проектите и мерките за намалување на невработеноста, го зазема централното место во реализација на Меморандумот за соработка. Министерката Мила Царовска  потенцираше дека е задоволна со одличната реализација на мерките од Оперативниот план за поддршка на вработувањето во 2018 година.

„Во 2018 година имаме реализација од над 90% на мерките предвидени со Оперативниот план, што значи дека се одлично конципирани и осмислени. За 2019 година имаме рекордна 1 милијарда денари за преквалификација. Со тоа сметам дека ќе го подобриме недостигот на стручен кадар во Македонија. Исто така Законот за социјална заштита ќе биде само појдовна точка за намалување за сиромаштијата бидејќи само преку вработување се излегува од сиромаштија. Со социјалната реформа ќе се работи на активација на пазарот на труд на лицата кои се корисници на социјална помош, а се работоспособни“, додаде Царовска. 

Министерот за образование и наука, Арбер Адеми, истакна дека активно се работи на повеќе аспекти за подобрување на образовниот процес.

„Да го потенцирам најважниот факт поврзан со изборот на средно стручно образование, а тоа е дека овој тип на образование обезбедува најголема веројатност веднаш по завршувањето на соодветниот степен на образование, поединецот да си обезбеди работен ангажман и да го материјализира знаењето. Потребата од стручен кадар е голема во моментов и во иднина таа уште повеќе ќе се зголемува. Така што, оваа кампања за која денес потпишуваме меморандум е и повеќе од значајна. Ние во моментов навистина многу сме заложени и работиме да го унапредиме квалитетот на стручното образование и обука, но потребно е сите тие позитивни промени, можностите и придобивките кои произлегуваат од нив во текот на образовниот процес, но и по неговото завршување, да ги презентираме и да ги доближиме до младите и воопшто до граѓаните“, истакна Адеми.

Амбасадорката на Швајцарија, Н.Е. г-ѓа Сибил Сутер, подвлече дека Швајцарија силно ја поддржува Македонија во реформскиот процес.

“Швајцарија е добро позната по своето стручно образование и обука. Важна лекција што ја научивме е дека треба постојано да го подобруваме системот за стручно образование и обука, да се прилагодуваме на динамичната економија. Силно веруваме дека ангажирањето на приватниот сектор во стручното образование и обука е од витално значење и за производство на квалификувана работна сила и за приватни компании да бидат конкурентни на меѓународните пазари”, кажа амбасадорката Сутер.

„Со кампањата што ја промовираме денес даваме придонес кон менување на свеста и приоритетите, особено кај младите. Шансата да ја препознаат тука, во Македонија, преку стручно образование, а потоа и усовршување. Фондот веќе реализира ваква програма, со која се обезбедуваат до 1 милион денари за стручно усовршување во странство. Посебен, важен сегмент, останува поттик за развивање на свој бизнис, со развој и примена на нови технологии“, рече Јован Деспотовски, директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, кој ќе биде активен учесник во кампањата.

Еден од потписниците на меморандумот е „Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем“, а во име на потписникот и американската амбасада се обрати директорката на програмската канцеларија на УСАИД, г-ѓа Ненси Годфри.

„Дел од решението за недостатокот на стручната работна сила е промоција на стручните занимања како прв избор. Со тие вештини младите можат да бидат и претприемачи. Да се биде стручен столар, механичар, заварувач или фризер, тоа претставува можност за самовработување или за отпочнување на мал бизнис. Истовремено, им овозможува на работниците да имаат поголема моќ во преговорите со работодавците, ако се одлучат за таква кариерна патека“, додаде Годфри. 

Во име на УНДП, меморандумот го потпиша в.д. раководител на канцеларијата во Македонија,  г-дин Зоран Самарџиев.