23/11/2024
Македонија

Потпишана спогодба за покачување на платата за просветните работници во основно и средно образование

Министерот за образовани и наука, Арбер Адеми и претседателот на Самостојниот Синдикат за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков, во присуство на Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска, во Владата на Република Македонија, потпишаа спогодба со која се утврдува покачување на платата за просветните работници во основното и средното образование.

Спогодбата за зголемување на основицата за утврдување најниска плата во образованието за 5 отсто на просветните работници е одлука донесена на вчера-одржаната седница на Владата на Република Македонија.

Премиерот Заев, на денешното потпишување на оваа спогодба, во своето обраќање пред присутните медиуми рече дека ова потпишување доаѓа како резултат на исполнувањето на ветувањето утврдено во буџетот за оваа година и ќе се реализира со исплатата на септемвриската плата.

„Остваруваме уште едно ветување за подобар животен стандард за нашите граѓани. Ова е само еден дел од грижата за стандардот на вработените во образованието. Квалитетното образование е наша стратешка определба, а мотивирани наставници се секако неопходен фактор за остварување на оваа наша определба“, рече премиерот Заев.

Тој исто така дополни дека Владата и министерството за образование нема да отстапат од неопходните реформи за модерен, сопствен концепт на образование, како што рече тој, соодветен на нашите потреби и можности, „но кој ќе ги почитува европските стандарди, затоа што сме упатени на прилагодување на европските образовни модели“, додаде тој.

Министерот Адеми, во оваа прилика изрази задоволство што пред почетокот на учебната година, со СОНК се потпишуваат две спогодби за трајно зголемување на личните примања на просветниот кадар вработен на определено и неопределено време.

„Дополнително информирам дека со спогодбите ја утврдивме и најниската плата за најнизок степен на сложеност за вработените во основните училишта која ќе изнесува 12714 денари, а во средните училишта, 13117 денари. Ова е остварување на едно наше ветување кон оние кои се одлучиле за најблагородната професија“, рече министерот Адеми.

Тој, исто така додаде дека ова е мерка предвидена во владината програма за реформирање и унапредување на образовниот систем.

Претседателот на СОНК, Неделков, го искажа задоволството од конечното реализирање на покачувањето на платите на вработените во образованието, и додаде дека очекувањата на СОНК се дека и во иднина Владата ќе води поголема грижа за вработените во образованието.