Предложени поедноставени процедури за поставување фотонапонски централи;
Членовите на Владата на Република Северна Македонија денеска во рамки на редовната 75-та седница, на која согласно своите надлежности разгледа повеќе точки од својата програма за работа и од интерес на граѓаните, откако го разгледаа и усвоија, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за градење, кој ќе биде доставен во собраниска процедура по скратена постапка.
Измените и дополнувањата, се резултат на Посветената работа на Владата, на ублажување на последиците од енергетската криза, креирајќи амбиент за граѓаните и деловната заедница да може да постават најбрзо и по најповолни услови фотонапонски електроцентрали за производство на струја.
Министерот за транспорт и врски, образложувајќи го Предлог-законот, упати апел до сите пратеници проактивно да се вклучат во носење на измените во Законот за градење, да биде донесена измената за да им се помогне на граѓаните.
Предложените измени, усвоени денеска од Владата предвидуваат, фотонапонските електроцентрали да може да бидат поставени на објекти во индивидуална сопственост до 6 киловати и од страна на сите субјекти потрошувачи – производители до 40 киловати.
Новиот Закон, предвидува поедноставување на процедурите и клучно е што на граѓаните нема да им биде потребно решение од општината за поставување на фотонапонските централи.
Со ова предложено решение, Владата излегува во пресрет и на бизнис секторот и на граѓаните, помагајќи на домашниот електроенергетски сектор.
На денешната седница, беа усвоени повеќе извештаи за завршени преговори и утврдени текст-документи во рамки на регионалната иницијатива „Отворен Балкан“, а кои ќе бидат финиширани за време на посетата на делегација на Владата на Република Северна Македонија во Белград, Република Србија, по повод одржувањето на Саемот на храна и вино, од 1-4 септември, дел од активностите на Иницијативата.
Иницијативата има за цел развивање на меѓусебната соработка на земјите потписнички, поттикнување на економскиот раст, мобилноста и промоцијата на туризмот, како и со цел забрзување на европската интеграција на земјите од Западен Балкан.
Во оваа насока, денеска, беше усвоен Извештајот за завршени преговори за склучување на Договор за соработка во областа на механизмите за обезбеденост со храна во Западен Балкан и беше прифатен текстот на Договорот.
Договорот предвидува превенирање на недостаток од основните земјоделско-прехранбени производи на пазарите на учесниците во иницијативата „Отворен Балкан“, за обезбедување на благосостојба на граѓаните во регионот на Западен Балкан, почитувајќи го принципот на солидарност, како еден од основните принципи на оваа Иницијатива.
Се предвидува зајакнување на регионалната соработка и помош меѓу учесниците на Иницијативата во случај на прекин на синџирите на снабдување, како последица од глобалната криза, кога една од страните се соочува со недостиг во снабдувањето на домашниот пазар со основни земјоделско-прехранбени производи, како: пченка, пченица и наполица, брашно од пченица и наполица, млеко и млечни производи, бел шеќер во цврста форма, масло и семе од сончоглед, теста, варени, неварени или полнети, јарма од жита, гриз и пелети, свежо и замрзнато овошје и зеленчук и месо и преработено месо.
Страните се согласни дека нема да има забрани за тргување реекспорт во трети земји на основните земјоделско-прехранбени производи меѓу членките на иницијативата „Отворен Балкан“ и од влегување во сила на Договорот страните ќе ги укинат сите квантитативни ограничувања и мерки со еквивалентен ефект на увозот на основните земјоделско-прехранбени производи наведени во Договорот.
Страните се согласуваат дека нивните надлежни органи ќе работат заедно за да развијат Патоказ/ Акциски план – 2030 за обезбеденост со храна во рамки на Иницијативата „Отворен Балкан“.
Документот се однесува на прашањата за обезбеденост со храната во Западен Балкан во рамки на „Отворен Балкан“, како што е идентификување на ризиците и предизвиците за обезбеденост со храната, со фокус на: справување со ефектите од климатските промени (суша, поплави, пожари, итн.), дигитализација и иновации во прехранбената индустрија и одржливост во производството на храна во регионот и синџири на вредности во земјоделско –прехранбената област.
Од областа на културата, а во рамки на „Отворен Балкан“, на седницата беше прифатен и Извештајот за завршени преговори со усогласен текст на Меморандум за разбирање и соработка во областа на кинематографијата и аудиовизуелните дејности во Западен Балкан.
Меморандумот ќе придонесе во зајакнувањето и проширувањето на регионалната соработка во филмската дејност меѓу земјите од Западен Балкан, ќе ја олесни институционалната соработка на сродните институции од областа на кинематографијата и ќе го олесни спроведувањето на проекти и иницијативи во оваа област.
Имајќи ја предвид досегашната успешна билатерална соработка во сферата на цивилната заштита помеѓу Албанија, Северна Македонија и Србија, учеството во рамките на Регионалната иницијатива за подготвеност и справување со катастрофи на Југоисточна Европа, како и членството во Механизмот за цивилна заштита на Унијата, денеска беше разгледана и усвоена и Информација за усвојување на Оперативен План во областа на цивилната заштита помеѓу овие три земји во рамките на Иницијативата „Отворен Балкан“.
Оперативниот план, кој се потпишува помеѓу институциите одговорни за цивилна заштита и заштита и спасување на населението при катастрофи, ќе овозможи олеснување на процедурите и скратување на времето потребно за распоредување помош онаму каде е најпотребна, како и интензивирање на соработката во превенцијата и намалувањето на ризиците од катастрофи.
Владата ја разгледа и усвои Информацијата за наменска реалокација на неискористени финансиски средства од вршење на услуги во дејноста на образованието и науката, и донесе Одлука, врз основа на која гимназијата „Сами Фрашери“ во Куманово ќе добие нов училиштен објект, со што Владата и Министерството за образование и наука (МОН) ќе го решат деценискиот проблем на недостаток на соодветен објект за квалитетен воспитно-образовен процес, со кој се соочуваат учениците и вработените во ова средно училиште.
Планирана е изградба на целосно ново училиште кое ќе се изгради за најмногу три години отсега и ќе чини околу 120 милиони денари.
Со Владината одлука се предвидуваат средства во износ од 50 милиони денари во буџетот на МОН за 2023 година и дополнителни 70 милиони денари во 2024 година.
Објектот ќе биде изграден на земјиште во сопственост на Република Северна Македонија, лоцирано во поранешната кумановска касарна.
Досега, учениците, со години посетуваат настава во адаптирани простории на ЗИК „Куманово“, коишто воопшто не ги исполнуваат стандардите за реализација на образовната дејност.
Општина Куманово ја завршува процедурата за изработка на архитектонско-урбанистички проект, а по одобрување на истиот ќе започне со изработка на основен проект за изградба на нов училиштен објект.
МОН ќе ја спроведе постапката за избор на економски оператор за изградба и надзор над градежните активности.
Дополнително, за оваа општина со измени на програмите за капитални инвестиции на МОН годинава се обезбедуваат и околу 15 милиони денари со кои ќе се реконструира кровот на објектот во кој се лоцирани основните училишта „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Петков Мисирков“ каде поради дотраеност при неповолни временски услови се попречува наставата.
Владата, преку ресорното Министерство продолжува со капитални инвестиции и вложувања во подобри инфраструктурни услови за образование, како еден од врвните приоритети.
Владата, со цел да се намали растот на цените, денеска донесе Одлука за времено укинување, (до 31.12.2022 година), на царинската стапка од 20 проценти за млеко и павлака, некoнцентрирани и без дoдаден шеќер или други материи за засладување со содржина на маснотија по маса што надминува 21 проценти, но не надминува 45 % и царинската стапка од 15% за млеко и павлака, неконцентрирани и без додаден шеќер со содржина на маснотија по маса што надминува 10%, но не надминува 45% во амбалажа, чија нето маса не надминува 2,5 кг.
Увозот на овие тарифни ознаки од земјите на ЦЕФТА е без царина, а од земјите-членки на Европската Унија се врши со царинска стапка од 5%.