26/11/2024
Македонија

Премиерот Заев и Заменик помошникот државен секретар за европски прашања на САД Палмер на заедничка прес-конференција

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, придружуван од Заменик претседателот на Владата задолжен за европски денеска Бујар Османи, го прими во посета Заменик помошникот државен секретар за европски прашања на САД, Метју Палмер, со разговараа за повеќе актуелни прашања, како и за натамошниот тек за спроведувањето на Договорот од Преспа како чекор кон членството на земјата во НАТО и ЕУ.
 
Премиерот Зоран Заев и Заменик помошникот државен секретар за европски прашања на САД, Метју Палмер, потоа одржаа заедничка прес-конференција, на која Претседателот на Владата на РМ истакна дека средбата со Заменик помошникот државен секретар за европски прашања на САД, Метју Палмер, дојде во еден исклучително важен момент за Република Македонија, само неколку дена по големиот исчекор кон иднината којшто беше направен во петокот во Собранието.
 
На прес-конференцијата премиерот Заев истакна дека со гостинот од американскиот Стејт Департмент се согласиле дека одлуката на 80-те пратеници во Парламентот има историско значење, и дека таа одлука на пратениците и од позицијата и од опозицијата, да се отвори постапката за уставни измени со цел да се реализира Договорот од Преспа, уште еднаш ја потврди евроатлантската определба за иднината на нашата земја. 
 
„Пратениците и демократските сили во земјата, храбро презедоа одговорност, испишаа историја, и ја оттргнаа Републиката од заканата повторно да се врати во темното минато. Го спречија ризикот за нова изолација, која овој пат ќе добиеше катастрофални димензии за земјата. Наместо тоа, храбрите и одговорни народни избраници со својот глас, на задоволство на сите граѓани во државата, ја докажаа подготвеноста да ја остварат својата визија – Македонија да стане членка на НАТО и да ги започне преговорите за членство во ЕУ. Вредностите на тие сојузи се и наши вредности, и за нив нема алтернатива“, истакна премиерот Заев.
 
Претседателот на Владата на РМ Заев додаде дека гласот на пратениците во исто време е и глас против нови политички кризи, и дека светот го виде, го препозна тоа, и сите наши сојузници ја поздравија покажаната државничка одговорност на пратениците, вклучувајќи ги и Соединетите Американски Држави.
 
„Одлуката на пратениците е и поттик да ја отвориме следната страница на убавата историја на нашата земја. Да почнеме да ги испишуваме идните настани со политичко помирување, простување и обединување. Имам голема верба дека можеме да му покажеме на светот дека граѓаните на Република Македонија влегуваат во период кога се обединети околу своите стратешки интереси“ рече премиерот Заев на заедничката прес-конференција со Заменик помошникот државен секретар за европски прашања на САД, Метју Палмер, и истакна дека сега е момент да си покажеме и себе си дека сме одговорно општество кое знае кога да го остави минатото на делби зад нас.
 
Заменик помошникот државен секретар за европски прашања на САД, Метју Палмер, во своето обраќање пред новинарите истакна дека одлуката на Собранието на РМ е од исклучително значење во еден историски период за земјата и информираше дека со премиерот Заев имале разговор за идните чекори во постапката за целосна имплементација на Договорот од Преспа како единствен пат за членство на Република Македонија во ЕУ и НАТО.
 
На прес-конференцијата Заменик помошникот државен секретар за европски прашања во американскиот Стејт Департмент, Метју Палмер, уште додаде дека со премиерот Заев разговарале и за идните чекори за зајакнување на односите меѓу САД и Република Македонија, кои ги оцени како одлични, и дека тие односи ќе напредуваат и понатаму со секој чекор поблиску до евро-атлантските интеграции на земјата.

https://www.youtube.com/watch?v=l_trN28MDww