Премиерот Заев на пленарната седница за утврдување на амандманите во Парламентот
Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев се обрати на пленарната седница за утврдување на амандманите 33,34,35 и 36 на Уставот на Република Македонија, утврдени на Комисијата за уставни прашања во Парламентот.
Премиерот Заев ги повика пратениците во Собранието на Република Македонија да ги поддржат амандманите и да одобрат процесот да продолжи со јавна расправа, а да заврши со одлуката тие да станат составен дел на Уставот на Република Македонија.
– Останува отворена и понатаму понудата за инклузивност и во наредните фази на донесување на уставните измени, секако, во духот на Договорот од Преспа. Убеден сум дека вие пратениците, како народни избраници, ќе го спроведете успешно процесот за уставни измени следејќи го интересот на граѓаните.
Со поддршката на оваа иницијатива, вие пратениците ќе покажете дека ја поддржувате иднината на Македонија во согласност со волјата на граѓаните, по сопствено убедување, и дека ќе го препознете сопственото учество во историскиот процес што е пред сите нас.
Оваа и идната година, се клучни за историјата на нашата земја како независна држава.
Со овој наш заеднички потфат го забрзуваме процесот на пристапување на земјата во ЕУ и НАТО и ги отстрануваме пречките за интеграција со европскиот и со светскиот пазар, за да бидеме земја со високи приходи и со одржлив економски раст за подобар животен стандард на нашите граѓани.
Тоа е изборот што ни се отвора со овој процес. Да го прифатиме заеднички.
Да се издигнеме над партиските определби и да им обезбедиме историски перспективи на сегашните и на идните генерации, порача премиерот Заев.
Премиерот Заев повика Парламентот да биде Форум за натпревар на идеи.
– Сосема е природно и нормално во едно демократско Собрание како што е нашето, да се разликуваме во однос на политичките програми што ги застапуваме и сакаме да ги спроведеме.
Од суштинско значење на секој Парламент е и да го овозможува максималното право на политичка различност и партиска припадност.
Тоа се здрави, неопходни разлики.
Но, тие треба да бидат забрзувачи, мотор, а не кочници за остварување на нашите заеднички стратешки појдовни основи кои секако ги споделуваме.
Политичките субјекти застапени во Собранието не се разликуваат според стратешките определби за нашите евро-атлантски аспирации, за стабилно и сигурно општество, за држава во која владее правото и правдата, за општество засновано на социјална праведност, негување и почитување на сите разлики.
Тоа е основата што `не обединува околу столбовите на вредностите на кои ја издигаме нашата земја во држава како еднаков партнер на нашите сојузници од Европската унија и НАТО.
Во име на тие заеднички вредности го инициравме процесот за неопходните измени на нашиот Устав, со единствена цел: Македонија да биде подготвена за нејзината просперитетна европска иднина за којашто сите ние се боревме и сонувавме 27 години, додаде премиерот Заев.
Претседателот на Владата, Заев порача и дека:
– Големината на овој историски процес треба да ја понесеме сите.
Тој повтори дека „во иницијативата за измени на Уставот на Република Македонија, согласно Договорот од Преспа – нема ништо спорно, а предложените нацрт амандмани се во согласност со меѓународно право и со интересите на Република Македонија и нејзините перспективи во евро-атлантските интеграции“.
Претседателот на Владата, Заев, на седницата потсети на содржината на предложените нацрт амандмани. Тој рече дека со амандманот 33 „во Уставот се додава придавката “Северна“ пред Македонија. Објасни дека со амандманот 34, во Преамбулата “одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со “Прогласот“ од АСНОМ и се додаваат зборовите “Охридски Рамковен Договор“. АСНОМ не се брише во Преамбулата, напротив се спомнува два пати со што се повикуваме на правните решенија коишто се содржани во Прогласот на АСНОМ, а коишто се темел на нашата државност. Премиерот Заев додаде дека со амандманот 35 ќе се додаде реченицата “Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави“, со што „во членот 3 даваме дополнителни гаранции дека нашите граници со соседите се трајни и неменливи“. А со амандманот 36, како што дополни премиерот Заев, „ќе се преформулира сегашниот член 49 и во него ќе стои дека Република Македонија го штити, гарантира и негува историското и културното наследство на македонскиот народ“. Исто така, со амандманот се гарантираат заштита на правата и интересите на државјаните кои живеат или престојуваат во странство и унапредување на нивните врски со татковината. А во амандманот е пропишано дека Републиката се грижи и за припадниците на македонскиот народ кои живеат во странство, без тоа да значи мешање во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.
– Со новата формулација на член 49 се даваат гаранции за заштита на македонскиот идентитет. Идентитетот на Македонскиот народ е заштитен! Нема да има никакви промени во идентитетот! Уште повеќе, се внесува обврска во Уставот за заштита и негување на македонскиот идентитет, рече премиерот Заев.
Тој објасни дека останува грижата за сите државјани кои живеат или престојуваат во странство.
Претседателот на Владата, Заев, рече дека „процесот на уставните измени со предложените амандмани треба да заврши со Одлука за измена на Уставот што ќе ја донесе Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници“.
– Во одлуката ќе пишува дека „oвие амандмани се составен дел на Уставот на Република Македонија и влегуваат во сила со денот на влегување во сила на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 г. и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните и ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО од страна на Република Грција“.
Тоа значи дека измените на Уставот ќе важат откако Грција ќе ги спроведе своите обврски.
Ова е гаранцијата што впрочем беше побарана и од собраниската говорница кога се одлучуваше дали да се отвори овој процес, а другите предлози што се апсолутно прифатливи, ќе бидат внесени во Уставниот закон како паралелен процес на уставните измени, рече премиерот Заев.
По обраќањето на премиерот Заев е отворена дебата во којашто премиерот Заев одговори со неколку реплики дека референдумот е успешен поради бројната мнозинска поддршка на граѓаните, а дека недонесувањето одлука значи дека им е оставено на институциите да одлучат. Исто така, премиерот Зоран Заев, апелираше на конструктивност во име на иднината на Македонија во ЕУ и во НАТО