23/11/2024
Македонија

Претседателот на Владата, Заев на седница за Пратенички прашања

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, во одговорите на пратенички прашања во Собранието, посочи на економските резултати во изминатите две и пол години.

„Република Северна Македонија, во овој период успеа да го намали јавниот долг во однос на тоа што го затекнавме, а колку што е сега. На 01 јуни, 2017 година, кога оваа Влада и ова парламентарно мнозинство беа оформени и Владата беше избрана, имавме 48.6 проценти од БДП, јавен долг. Сега имаме 47.7 проценти од БДП јавен долг. Намален е за 0.9 проценти.

За разлика од ова намалување во периодот 2006 – 2017 година, јавниот долг, од 20 проценти е зголемен на 48.6 проценти, кредити се трупани на граѓаните, 28 проценти од БДП – за што, за жални врби, за музеи, за споменици, за непродуктивни трошоци, за “лева рака, десен џеб“, за цени на ископ на јаглен за 200 денари, а сега 89 денари?! Се трупаше јавниот долг. Сега е намален јавниот долг.

50 милиони евра државни пари претходната власт потроши за политиките на ВМРО-ДПМНЕ. Ниту еден денар немаме потрошен државни пари. Во минатото, 26, 27 милиони евра само во последните неколку години е истурено за рекламирање. Ние немаме ниту еден денар потрошено за рекламирање, ниту за јавниот долг што го намаливме“ рече премиерот Заев.

Тој посочи дека сите политики на Владата, се поврзани со јакнењето средната класа.

„При тоа, средната класа е зајакната. Зајакната е со 300 проценти зголемување на социјалната помош – наместо 3.000 денари на 11.700 денари. Ранливите групи имаат асистенти.  Денеска тие се во мали групни домови. Денес условите за живот се подобрени. Платите, за две ипол години се зголемени за 2.297 денари и по ново, повеќе од 2.600 денари. Преку поголемите плати се јакнат стандардите и средната класа во државата. Ги извлекуваме луѓето од сиромаштија. Пензиите се зголемуваат, заклучно со тие од јануари  и индексирањето во март, вкупно за 1.740 денари. Во 2020 година имаме за 10.000 денари зголемување на пензиите, земајќи дека 850 денари секој месец повеќе ќе земе пензија секој пензионер. Минималната плата беше 9.000 денари и тоа е одраз на сиромаштијата. Зголемена е за 60 проценти. Сега е 14.400 денари минималната плата. Тоа се 5.500 денари месечно. По 12 месеци, тоа се 66.000 денари повеќе пари кај секој примател на минимална плата. Отворено е покачувањето на сите плати. Најдовме пари, повеќе од 40 милиони евра, да им кажеме на работодавачите, дајте им поголема плата на работниците, секое зголемување државата ќе го плати. Почна супституцијата на придонесите на секое покачување на плата. Во првиот месец, ноември, 90.000 работници се аплицирани преку своите работодавачи за оваа мерка“ нагласи премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев го наведе и враќањето на парите кај граѓаните: преку повратот на ДДВ, 1.000, 1500, 1.800 денари како што рече, преку евтината тарифа на струјата – граѓаните на нашата земја плаќаат најевтина цена на струја во Европа, преку укинувањето на радиодифузната такса, за покачувањата на платите на лекарите, професорите, во културата.

Тој оцени дека е тоа реално враќање на средната класа.

„Секој ден држиме лекција, а уште не сме формално членка на НАТО. Интеграциите ги заокруживме, најмногу време тука посветивме, но еве ги резултатите“ порача премиерот Зоран Заев во одговорите на пратенички прашања во Парламентот.