30/11/2024
Македонија

Примарна улога на затворите – корекција на однесувањето на лицата кои сториле кривично дело

Денеска се одржа промоција на твининг проектот финансиран од Европската унија насловен: „Зајакнување на казнено – поправниот систем и пробациската служба”, кој започна да се реализира на оваа година на 31 август.

На настанот, воведни обраќања имаат министерката за правда проф. Д-р Рената Дескоска, Д-р. Штефан вон дер Бек, Државен секретар, Министерство за правда на федералната држава Долна Саксонија, Сојузна Република Германија, амбасадорот на Сојузна Република Германија во Република Македонија, г-дин. Томас Герберих, амбасадорот на Кралството Холандија во Република Македонија г-дин. Воутер Пломп, и претставникот на Делегацијата на Европската Унија, г-дин. Фрејк Јанмат.

Министерката Дескоска истакна дека примарната улога на затворите, треба да бидат корекцијата на однесувањето на лицата кои сториле кривично дело.

Во современите казнено-правни системи под функционален систем на извршување на санкции се подразбира комплексен пристап кој ја опфаќа како димензијата на казнување, така и димензиите на ресоцијализација и социјална адаптација на сторителите на кривични дела во заедницата, истакна министерката Дескоска.

Пробацискиот систем кој е составен дел на системот на извршување на санкции, според министерката има за цел да менаџира со исполнувањето на кривичната санкција и повторното враќање на сторителите во заедницата.

Според Законот за пробација, главна целна група за изрекување на алтернативни санкции за лица кои сториле кривични дела за кои законот предвидува казна затвор до 3 години како и оние сторители за кои судот цени дека треба да им биде изречена казна затвор помала од 12 месеци.

Професионално и ефикасно организирана и управувана пробациска служба која ќе работи заедно со останатите структури на кривично-правниот систем и други релевантни институции и организации во делот на менаџирање на сторителите на кривични дела во заедницата за извршување на изречената санкција, а со цел опсервација, рехабилитација и реинтеграција на сторителите на кривични дела во заедницата, ќе доведе до зајакнување на јавната безбедност и безбедноста во рамките на заедницата.

Проектот се имплементира во соработка со Фондацијата за меѓународна правна соработка од Германија и Центарот за меѓународна правна соработка од Холандија, а во кој главен корисник е Управата за извршување на санкциите при Министерството за правда.