30/12/2024
Македонија

Светиот маченик Леонтиј

Светиот маченик Леонтиј

Беше римски војвода во финикискиот град Триполис, во времето на царот Веспазијан. Родум од Елада, „растолит, снажен, крепок и храбар во битките.“ Царскиот намесник Адријан испрати еден одред војска за да го фати Леонтиј, зашто Адријан им беше јаросен противник и гонител на христијаните. Старешината на тој одред, Ипатиј, по пат се разболе од лута треска, па одредот мораше да го забави својот од. Една ноќ му се јави ангел Божји на Ипатиј, велејќи: „Ако сакаш да бидеш здрав, возвикни трипати кон небесата ти и сите твои војници: „Боже Леонтиев, помогни ми!“ Ова свое видение Ипатиј им го раскажа на своите другари и тие сите едногласно возвикнаа како што ги посоветува ангелот. Ипатиј одеднаш оздраве. Ова чудо ги восхити сите, а особено некој Теодул. Тогаш Ипатиј и Теодул отидоа напред, да го најдат војводата Леонтиј. А Леонтиј ги прими убаво и ги нагости. Кога им ја изложи својата вера во Христа, нивните срца се разгореа со љубов кон Него, и во тој час светол облак се спушти над Ипатиј и Теодул и од облакот падна на нив роса. Со ова Самиот Дух Божји ги крштеваше новообратените души, а Свети Леонтиј во оној миг ги изговори овие зборови: „Во името на Пресвета Троица, Отецот и Синот и Светиот Дух“. Кога дозна Адријан дека и Ипатиј и Теодул станале христијани, нареди да ги бијат безмилосно, а потоа главите да им ги отсечат со секира. Такво беше кончанието на тие две духовни чеда на Свети Леонтиј. Тогаш Адријан наложи лути измачувања за Леонтиј, но тој остана непоколеблив во својата Света вера. Телото цело му го покрија со рани, но светителот усрдно Му се молеше на Бога да не го остава. Сред најлутите маки му се јави ангел Господов и го охрабри и го утеши. Најпосле го налегнаа маченикот на земја и го тепаа додека не Му го предаде својот дух на Бога. Страдањето на Свети Леонтиј го виде со свои очи еден кир Нотариј, којшто сето тоа го запиша на оловни плочи, а плочите ги положи во гробот на маченикот. Свети Леонтиј пострада чесно во 73 година.