22/11/2024
Македонија

Се одржа семинар за предизвиците и решенијата за здрава животната средина во градот Скопје

 Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули имаше воведно обраќање на семинарот на тема „Скопје наспроти предизвиците на животната средина“ кој се одржа денеска, во организација Францускиот Институт во Скопје.

Потенцирајќи дека аерозагадувањето претставува светски предизвик и сериозен проблем во градот Скопје, заменик министерот Макрадули во своето излагање детално го образложи Планот на Владата за чист воздух, кој содржи низа мерки и решенија за намалување на загаденоста на воздухот во Скопје и поголемите градови во нашата држава.

Со Планот за чист воздух е ставен акцент на загревањето на домовите и индустриските објекти, а како мерки се предвидени: субвенвционирање на домаќинствата за енергетски ефикасни печки, конвертирање на голем број домаќинства кон централно греење, подобрување на енергетската ефикасност на стамбените и индустриските објекти, поврзување на што поголем број субјекти на гасната мрежа, како и воведување на забрана за употреба на јагленот за загревање, што како успешна пракса веќе е воведена во повеќе европски градови.

– Со имплементација на мерките за борба против аерозагадувањето ние ќе ги постигнеме целите зацртани со Парискиот договор, а тоа е подобрување на енергетската ефикасност, зголемување на уделот на обновливите извори на енергија и намалување на емисијата на стакленички гасови во атмосферата – изјави Макрадули.

Амбасадорот на Франција во Република Македонија, Н.Е. Кристијан Тимоние, нагласи дека приоритети на Европската Унија се животната средина и образованието. За релизација на тие цели тој истакна дека Француската агенција за развој одлучи да инвестира на Балканот со фокус на прашањето за животната средина.

На настанот, градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, ги претстави досегашните и планираните проекти и активности со кои жителите главниот град ќе добијат почист воздух и поздрава животна средина.

Во панел дискусиите во рамки на семинарот учество земаа претставници од невладини организации, еколошки здруженија, претставници од град Скопје, од научната фела, а за добрите искуствата и практики за решавање на проблемот со аерозагадувањето во големите урбани средини говореа претставници од администрацијата на градот Бордо.