25/11/2024
Македонија

Со навремена реакција и соодветни владини мерки Македонија најдобро се справува со кризата во регионот, посочува Светската банка во извештајот за Западен Балкан

Земјите од Западен Балкан, како и остатокот од светот, ќе бидат погодени од последиците на пандемијата на коронавирусот, а Република Северна Македонија благодарение на навремената реакција и соодветните владини мерки најдобро се справува со кризата во регионот.

Ова го истакна советникот за економски прашања на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Фатмир Битиќи, на прес-конференцијата по повод најновиот Редовен економски извештај на Светската банка за земјите од Западен Балкан.

„Навремената првична реакција на Владата беше многу важна за ублажување на ударот врз здравствениот систем со цел подготвено да се одговори на предизвикот, кој со себе го донесе пандемијата на коронавирусот КОВИД-19.

При креирањето на владините политики првенствено се водеше грижа за јавното здравје како врвен приоритет. Но, исто така, се презедоа и чекори за намалување на економските последици во периодот кој следува и за побезболно враќање во нормалниот ритам на живот“, наведе советникот на премиерот, Битиќи.

Тој посочи дека Светската банка во извештајот прогнозира дека земјите од нашиот регион ќе се соочат со рецесија и регионалниот раст на Западен Балкан се предвидува да биде меѓу – 3 и – 5,6  процентни поени.

„Според најновите проекции на Светска банка се проценува дека Република Северна Македонија најдобро се справува со економскиот удар од кризата од сите земји во регионот.

А токму поради одмерените чекори на Владата, Република Северна Македонија ќе претрпи најмала штета во регионот, а нашата економија се проценува дека ќе забележи пад од 1,4 до максимум 3,2 процентни поени. Споредено, Црна Гора се очекува да се соочи со економски пад од 5,6 проценти, кој во случај на продолжување на пандемијата до крајот на летото би бил 8,9 проценти. Проценките за Србија се за негативна стапка од 2,5, односно 5,3 проценти. Албанија ја очекува негативна стапка од 5, односно 6,9 проценти, а Косово го очекува пад на БДП од 4,5 проценти, но за нив е можен пад и до 11,3 проценти“, нагласи советникот Битиќи.

Тој истакна дека Владата прави максимални напори со директно вбризгување на ликвидност во економијата,  последиците од оваа здравствено-економска криза да бидат колку што е можно помали.

„Преку владините мерки за финансиска поддршка како што се бескаматните кредити, исплата на плати од 14.500 денари по вработен или субвенциите за придонеси се помагаат најпогодените сектори, при тоа се цели кон одржување на динамиката на економијата и зачувување на секое работно место.

Воедно исплатата на повратот на ДДВ-то дополнително е динамизирана, исплатите на пензиите и другите социјални трансфери се одвиваат веќе и предвремено.

Субвенциите за земјоделците се исплаќаат целосно и навремено, а и сите други буџетски трансфери и плаќања се извршуваат во законски предвидените рокови.

Сето ова е во насока на зголемување на потрошувачката која директно влијае на полнењето на буџетот и растот на БДП“, посочи советникот Битиќи.

Тој посочи дека Владата за целиот овој период од почетокот на пандемијата активно работи и на прибирање средства со кои ќе биде амортизиран ударот врз приходната страна на буџетот.

Советникот на премиерот, Битиќи, упати апел до граѓаните да ги почитуваат препораките со цел да го заштитат своето и здравјето на другите,  а воедно на овој начин да помогнеме во борбата со оваа здравствено-економска криза и намалувањето на последиците од неа.