Со промоција на делото „Одисеј и други драми“ започна македонската програма на саемот на книгата во Пула
Со осврт кон творештвото на македонскиот драмски писател Горан Стефановски и промоција на делото „Одисеј и други драми” кое претставува прво негово дело преведенo на хрватски јазик синоќа во рамките на Саемот на книгата во Пула започна регионалната програма насловена „Македонија чита“…
На промоцијата која беше предвидено да се одвива во присуство на самиот автор во интеракција со посетителите, поради неговата ненадејната смрт, за самиот Стефановски и за делото и за големината на неговото творештво пред многубројната публика, говореа писателот и модератор на програмите на Саемот Емир Имамовиќ Пирке, познатата српска актерка Мирјана Карановиќ, познатиот босански режисер и близок пријател на авторот Дино Мустафиќ, проф.др Борислав Павловски, преведувач на драмите на Стефановски и Роберт Алаѓозовски, писател и национален координатор за култура во Кабинетот на Претседателот на Владата на РМ. За време на промоцијата беше емитуван и краткиот филм насловен „Name of the Game”, во кој Стефановски ги отвора аспектите на креативниот тек, идеите и нивното развивање, извадоци од театарските изведби на „Диво месо” и „Одисеј”, а актерката Карановиќ читаше и извадоци од истите драми.
Регионалната програма во чиј фокус е Македонија и современата македонска литература продолжува и во наредните денови со претставување на творештвото на повеќе реномирани македонски автори.