26/11/2024
Македонија

Состанок на Економско социјалниот совет, претставници на Владата, на гранковите синдикати на ССМ, на Организацијата на работодавачи, со премиерот Спасовски

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски присуствуваше и се обрати на редовната седница на Економско социјалниот совет составен од претставници на гранковите синдикати, членки на ССМ и на Организацијата на работодавачи, а во којшто Совет членуваат заменичката на претседателот на Владата, задолжена за економски прашања, Мила Царовска, претседателот на Економско социјалниот совет Ѓонул Бајрактар, заменик министер за труд и социјална политика,  дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика, Санела Шкриељ. 

На состанокот е разговарано за актуелните предизвици во економијата, предизвикани од здравствената криза и за можните решенија за нивно надминување согласно постоечките можности.

На средбата е поздравена инклузивноста на премиерот и на Владата, кои прават широки консултации со цел заштита на здравјето на граѓаните, како и на нивната егзистенција и за одржувањето на функционалноста на економијата.

Констатирано е заеднички дека секој во државата треба да направи што е можно повеќе за да се преброди овој кризен период, што би значело пред се здравствена и егзистенцијална заштита на граѓаните, работниците, фирмите.

„Врвен приоритет, како Влада, ни е здравјето и животот на граѓаните и на основа на тоа ги моделираме мерките што ги преземаме. Јасно е дека има и ќе има импликации по економијата, но донесовме еден, сега ќе следува и втор сет економски мерки, коишто, заедно со мерките во заштитата на здравјето на граѓаните, имаат за цел максимално можно обезбедување на граѓаните и од двата аспекта во овие моменти. Нема да дозволиме политичко профитерство. Носиме и ќе носиме внимателни, но храбри и праведни одлуки. Важно е да имаме единство и сплотеност на што повикувам, за да излеземе со што помалку последици и како граѓани и како држава од оваа специфична ситуација во којашто се најде нашата земја, како и целиот свет“, рече премиерот Спасовски.

На состанокот беа сослушани проблемите со коишто се соочуваат работниците и фирмите и беше изразена заедничка определба за тесна соработка и меѓусебна поддршка и во иднина за сите натамошни чекори коишто ќе треба да се преземат.