29/11/2024
Македонија

Состанок на Координативното тело за поддршка и одржлив развој на Преспанскиот Регион

Во Владата, денеска, се одржа првиот состанок на Координативното тело за поддршка и одржлив развој на Преспанскиот Регион, со што започнува процесот на засилена реализација на проектите кои се планирани во овој регион.

Меѓуресорското координативно тело, кое е составено од претседател и 13 членови, активно соработува со Делегацијата на Европската Комисија во Скопје, како и со другите државни институции и локалната самоуправа на Ресен за поттик на социо-економскиот развој на Преспанскиот Регион со особено внимание за создавање можности за урбаните и руралните области на Преспа.

Пред почетокот на работниот дел на состанокот, пред јавноста и медиумите се обратија претседателот на Владата Зоран Заев, Координаторот на телото за поддршка на проектите за Преспа, Горјан Тозија и градоначалникот на Општина Ресен Живко Гошаревски.

Обраќајќи се кон членовите на Координативното тело, премиерот Заев ги повика и охрабри да ги поддржуваат сите проекти од национално, како и од меѓународно значење за регионот, да ги гледаат и од перспективата на Договорот од Преспа, со кој, како што истакна, се премостени речиси три-децениските разлики со Грција и се обезбедени перспективите на нашата земја во евроатлантските и европските интеграции.

Претседателот на Владата, Заев го оцени и значењето на Координативно тело во насока на интензивирање на прекуграничната соработка со Албанија и Грција, со употреба на сите расположливи дипломатски канали за реализација на трилатералниот Договор за заштита и одржлив развој на Паркот Преспа и за поттикнување на работата на заедничко координативно тело за прекугранично управување и мониторинг не само на водите на Преспанското Езеро, туку и целиот екосистем на езерото.

„Дополнително, духот на Договорот од Преспа е инспирација и за други прашања што ги поврзуваат народите во овој регион и во Европа, со единствена и заедничка цел – зајакнување на добрососедските односи, согласно европските вредности и меѓународното право, а со тоа и заедничката иднина на генерациите за чии перспективи сме одговорни ние“, рече Заев и посочи дека од особена важност е и проектот „Мултимедијален центар за младите и заедниците“. Центарот, соодветно на самата симболика на Преспа ќе биде место каде што во иднина ќе се организира Меѓународниот форум за дијалог и соработка – Преспа Форум за дијалог, за кој, подвлече премиерот Заев треба да се вложат сите напори за да добие идентитет и бренд, кој ќе биде врзан за Северна Македонија како држава креатор на нова политика која за своја перспектива го има креирањето иднина базирана на соработка, разбирање и дијалог.

„Нека зрачи Преспа со решенија за мир. Оваа визија е споделена со нашите пријатели и партнери од Албанија и Грција, од централната власт и локалната самоуправа на нашите соседи, со што ги потврдиме вредностите што произлегоа од модерните и демократски начини на решавање на проблемите и кои наидоа на целосна поддршка и одобрување од страна на ЕУ и пошироко“, подвлече премиерот Заев.

Тој ги истакна двете главни придобивки, кои произлегоа од историскиот договор и тоа: нашиот заштитен идентитет во рамките на меѓународното право да се идентификуваме како Македонци, кои зборуваат македонски јазик и се потврдија  нашата култура и културно наследство.

„Оттаму, силна е симболиката за основање на Центар за грижа и промоција на македонскиот јазик токму во овој дел од нашата татковина, во старото училиште „Димитар Влахов“ во Љубојно, за што, за негова обнова Владата обезбеди првични 30 милиони денари“, рече премиерот Заев во своето обраќање споменувајќи ги и проектите за водоснабдување и собирање на отпадни води околу Преспанското езеро со инфраструктура според правилата и стандардите на ЕУ за заштита на животната средина и заштита на културното наследство, кои се од исклучително значење и Владата ќе им даде максимална поддршка, во соработка и со поддршка од Европската Унија.

Еден таков проект е и заедничката иницијатива на Општина Битола, на Општина Пустец од Албанија, на „Завод и музеј“ од Битола, на Регионалниот директорат за култура од Корча,  Албанија и на Младинскиот културен центар од Битола, кој предвидува адаптација на археолошкиот локалитет „Хераклеа“ со вкупен буџет од 704.000 евра, од кои 85 проценти се кофинансирани од страна на Европската Унија, додека останатите 15 проценти ги обезбедува Владата на Република Северна Македонија, преку Министерството за локална самоуправа.

Премиерот Заев како исклучително значајни ги посочи и фокусирањата кон промоцијата на огромните потенцијали за развој на туризмот, како можност за афирмација и дејност на локалното население, како и имплементација на мерките што треба да се преземат за надминување на актуелната состојба со водите на Преспанското езеро и динамизирање на проектот за комплетна заштита на Преспанското езеро поддржан од Европската Унија, инициран од трите земји, Северна Македонија, Грција и Албанија.

Координаторот за развој на Преспанскиот Регион, Горјан Тозија во своето обраќање најавувајќи го почетокот на работата на Координативниот Центар за поддршка и развој на Преспанскиот регион, истакна дека тој е израз на остварување на визијата за добрососедство која во 2018 година се реализираше преку Преспанскиот договор. Тој додаде дека Преспа е симбол на космополитство, место без огради и граници во нејзиниот натамошен социо-културолошки развој, кое ќе стане центар за соработка и размена на модерни, креативни и прогресивни идеи на млади луѓе од трите земји, Северна Македонија, Грција и Албанија.

Координаторот за развој на Преспанскиот Регион , Горјан Тозија во своето обраќање најавувајќи го почетокот на работата на Координативниот Центар за поддршка и развој на Преспанскиот регион, истакна дека тој е израз на остварување на визијата за добрососедство која во 2018 година се реализираше преку Преспанскиот договор. Тој додаде дека Преспа е симбол на космополитство, место без огради и граници во нејзиниот натамошен социо-културолошки развој, кое ќе стане центар за соработка и размена на модерни, креативни и прогресивни идеи на млади луѓе од трите земји, Северна Македонија, Грција и Албанија.

„Во овој регион ќе се врати достоинството, во името на неговите жители и уште повеќе како долг кон  оние 150 академски граѓани, од кои бројни доктори, потоа врвни инженери, новинари, професори, агрономи што основното образование и почетокот на нивната писменост  им ја овозможило првото училиште на македонски јазик „Димитар Влахов“ во селото Љубојно“, оцени Тозија потенцирајќи ја реконструкцијата и реактуелизацијата на ова училиште, каде, на 15 ноември 1945 година се одржал првиот час на македонски јазик.

„Неговата реконструкција и заштита ќе биде од големо значење во рамките на зачувување на македонското јазично и културно наследство, но исто така тоа да се доближи кон јазичното и културолошко европско семејство“, рече Тозија, додавајќи дека по реконструкцијата, предвидено е училиштето да прерасне во музеј-центар за афирмација на македонскиот јазик и културното наследство, каде што ќе се одржуваат и предавања од областа на македонскиот јазик, литература, култура, фолклор и мултимедијални настани.

Тозија посочи дека запоставеноста на овој регион во минатото, резултираше со отселување на голем број на млади луѓе во урбаните центри како Битола и Скопје поради што денеска овој регион на Долна Преспа се наоѓа во критична состојба која се заканува со тенденција на изумирање на селските средини, а со тоа и на губење на човечките потенцијали кои би можеле да ги искористат богатите природни и културно историски ресурси на регионот во функција на негов социјално економски развој.

„Оваа автентична убавина што ја поседува Преспанското Езеро ќе добие темелна грижа. Сите оние активисти кои учествуваат во најразлични перформанси што поттикнуваат спас на Преспанското Езеро и сите оние кои можат да придонесат за развојот ќе добијат свое место во новоизградениот Центар, кој треба да претставува работилница за генерирање на идеи како и планови и стратегии за нивна реализација. Центарот ќе преставува перманентна платформа за комуникација, координација, дијалог, размени на искуства и дефинирање на идеи за развој на регионот преку креирање на заеднички проекти кои би биле финансирани од владите на трите држави, локалните власти или ЕУ фондови или средствата кои Центарот ќе ги генерира како посебен субјект“, рече Тозија, кој констатираше дека Преспа ќе стане иновативна туристичка дестинација која не се потпира само на расположливите природни ресурси, туку има јасна методологија како да се наметне пред потенцијалните странски посетители. Како пример, ја спомена неодамна реализираната прва соработка меѓу Грчкиот филмски центар и Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, чие филмско остварување е поттикнато од можностите со Договорот од Преспа.

Градоначалникот на Општина Ресен Живко Гошаревски истакнувајќи ја важноста на обезбедување на заштита на природното и културно-историското наследство и преземањето мерки за  долгорочна и одржлива перспектива на Преспанскиот регион, со цел задржување на младите во регионот, како основна цел на оваа работна група информираше подетално за Програмата „ЕУ за Преспа“, со вкупен буџет од 21 милиони евра, изготвена и аплицирана во ИПА 3 фондовите, во соработка со Канцеларијата на Европската Унија во Скопје, Владата на Северна Македонија, владините институции и Општина Ресен.