22/11/2024
Македонија

Спасовски: Во годината кога станавме членка на НАТО стануваме и земја домаќин на Бригадата на Југоисточна Европа (SEEBRIG)

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски денеска присуствуваше на свеченото отворање на командата на СЕЕБРИГ и 21-годишнина од формирањето на СЕЕБРИГ, во касарната „Боро Менков“ во Куманово.

Во честитката по овој повод премиерот Спасовски истакна дека денеска граѓаните на Република Северна Македонија се гордеат со уште едно значајно постигнување, во годината кога станавме членка на НАТО стануваме и земја домаќин на Бригадата на Југоисточна Европа (SEEBRIG).

„Од денеска е активна командата на Бригадата на Југоисточна Европа (SEEBRIG) во простории во касарната во Куманово каде што е и Командата за операции на нашата армија. Сите подготовки беа навреме направени и завршени според највисоките НАТО стандарди, и со тоа се создадени услови за 50 високи офицери на земјите членки на НАТО и на иницијативата SEEBRIG, од кои 10 офицери се од нашата армија, да ги исполнуваат своите оперативни задача“, потенцира премиерот Спасовски.

Премиерот Спасовски објасни дека Бригадата на Југоисточна Европа е формирана во 1999 година, врз основа на договорот за регионална соработка на полето на одбраната познат како договор за Мултинационални мировни сили на Југоисточна Европа (ММСЈИЕ), кој во 1998 година во Скопје го потпишаа министрите за одбрана на: Албанија, Бугарија, Грција, Италија, Северна Македонија, Романија и Турција а локација на Командата на SEEBRIG е на четиригодишна ротациона основа, а нејзини домаќини досега беа: Пловдив, Констанца, Истанбул и Лариса.

„Со командата на SEEBRIG во Куманово, Република Северна Македонија добива признание за одлучното и посветено исполнување на стандардите на НАТО, и за придонесот кон градење на светскиот мир и борбата против тероризмот со учеството на повеќе од 4000 припадници на АРСМ кои беа дел од меѓународните мисии“, потенцира дел од достигнувањата премиерот Спасовски.

Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана на Република Северна Македонија, Радмила Шекеринска во своето обраќање истакна дека имаме двојна причина за гордост, првата е фактот што Република Северна Македонија е всушност родното место на СЕЕБРИГ, а втората е коинциденцијата кога стануваме нација домаќин на СЕЕБРИГ е истата година кога станавме и членка на НАТО.

„Ова е исклучителен успех за нас. Ја истакнува одговорноста на Република Северна Македонија во зголемување на своето влијание во станување релевантен фактор на регионалната стабилноста и соработка. Не само преку присуството а СЕЕБРИГ, туку и преку проширувањето на нашето учество во интернационалните мисии на НАТО и придонес и во мисијата на КФОР“, истакна министерката Шекеринска.

На свеченоста се обрати и претседавачот на процесот СЕДМ, Петро Кочи, а потоа се изврши примопредавање на должноста командант на бригадата помеѓу досегашниот командант, бригаден генерал Тудорика Петраче и бригаден генерал, Аристедеис Илиополус по што ќе следуваа нивни обраќања и свечено отворање на штотуку реновираниот и опремен објект во касарната кој ќе биде седиште на штабот на бригадата во во период 2020-2026 година.

Свеченоста се реализира во согласност со протоколот на Комисијата за заштита од заразни болести за заштита и спречување на ширењето на КОВИД-19 и присуствуваа Претседателот на Република Северна Македонија, Амбасадорите, заменици на министрите за одбрана и воените аташеи на земјите учеснички во бригадата, армиското раководство на Република Северна Македонија, поранешни учесници во бригадата и градоначалникот на Куманово.