26/11/2024
Македонија

Спасовски на средба со македонската дијаспора во Копер, Словенија: Издадени 24.816 патни исправи за нашите исселеници, само во Љубљана издадени 1.487

Денеска, (04.04.2023) министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за време на работниот престој во Словенија, покрај учеството на 11. Неформален состанок на министрите за внатрешни работи во рамки на Брдо процесот и билатералната средба со словенечкиот колега Боштјан Поклукар, во Порторож, Република Словенија, се сретна и со претставниците од македонската дијаспора во Македонската православна црква „Богојавление Водици” во Копер.

Согласно веќе воспоставената пракса за време на работниот престој во странство министерот Спасовски да остварува средби со наши исселеници под мотото „Го слушаме гласот на сите, секој еден е важен!”, целта на овие средби е да се иницираат и забрзаат веќе отпочнатите активности за подобрување на условите на нашите граѓани во државите во кои живеат. Министерот Спасовски истакна дека од големо значење за македонската дијаспора во Словенија е базната станица за издавање на патни исправи во Љубљана, која е дел од заедничкиот проект на Министерството за внатрешни работи и Министерството за надворешни работи отпочнат на 01.10.2021 година, а во врска со поднесување барања за издавање на патни исправи преку дипломатско-конзуларните преставништва.

„Откако е почнат проектот од 01.10.2021 заклучно со 31.03.2023 година вкупно се издадени 24.816 патни исправи преку ДКП-а, а само во ДКП во Љубљана во истиот период издадени се 1.487 патни исправи. Целокупниот процес од поднесување на барање до изготвување на патните исправи трае од 15 до 30 дена, што укажува на сериозно кратење на времетраењето на процедурите, кои траеја од четири до пет месеци, со големи трошоци. Овозможивме прием на барањата за патни исправи во дипломатско-конзуларните претставништва и нивно процесирање на дневна основа, со проверка на податоците во реално време”, истакна министерот Спасовски, уште еднаш потврдувајќи ја заложбата на ова раководство на МВР – да биде вистински сервис за граѓаните, со ефикасен и економичен одговор на потребите на сите граѓани, вклучително и македонската дијаспора.