Спасовски: Принципот на владеење на правото, како еден од столбовите на нашата земја, е наша обврска и кон ЕУ и кон нашите граѓани
Денеска (19.05.2021) министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски учествуваше на почетниот настан за проектот „ЕУ поддршка за владеењето на правото“, финансиран со средства од националната ИПА програма за 2020 година.
Целта на овој настан беше презентација на проектот, кој што е финансиран преку Инструментот за претпристапна помош Европската Унија (ИПА) и е спроведен од страна на Австриската агенција за европска интеграција и економски развој (АЕИ), хрватското Министерство за правда и јавна администрација, австриското Федерално министерство за внатрешни работи и Институтот за основни човекови права „Лудвиг Болтцман“.
На овој состанок, покрај министерот Спасовски, учествуваа и г-ѓа Вeра Јурова, потпретседател на Европската Комисија за вредности и транспарентност, министерот за правда Бојан Маричиќ, претставници на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, претставници од институциите корисници на овој проект, проектниот тим и медиумите.
На почетокот од своето обраќање министерот Оливер Спасовски упати благодарност до претставниците на Европската Унија за конкретната и видлива помош што земјава ја добива, потенцирајќи дека владеењето на правото, како една од заедничките вредности за сите земји – членки на Европската Унија, претставува врвен приоритет кон чија практична имплементација се насочени сите земји кои целат кон воспоставување на модерна и функционална држава, независно од различните национални идентитети, правни системи и традиции.
„Република Северна Македонија како земја аспирант да стане рамноправна членка во европското семејство, вложува максимални напори да обезбеди непречено владеење на правото и спроведување на законите. Зајакнувањето на правната држава и правото во континуитет е идентификувано како предизвик и клучен услов за земјите кои го чекорат својот пат кон членството во ЕУ. На ова прашање во последниве години се посветуваше големо внимание во сите фази на пристапниот процес, во согласност со обновениот консензус за проширување“, рече министерот Спасовски.
Имено, Инструментот за претпристапна помош (ИПА) беше воспоставен токму со цел да им се помогне на земјите при процесот на пристапување, при што министерот Спасовски посочи дека досега во нашата земја преку овој механизам беа спроведени голем број на проекти, со чија помош видливо се зајакна капацитетот на демократските институции и владеењето на правото, реформите во јавната администрација, спроведувањето на економските реформи, подобрувањето на човековите и малцинските права, промоција на половата еднаквост и развој на граѓанското општество. Еден од тие проекти е токму проектот „Поддршка на ЕУ за владеењето на правото“, финансиран со средства од Националната ИПА програма за 2020 година, чија цел е јакнење на владеењето на правото во Република Северна Македонија, преку зајакнување на капацитетите на системите во областите правда и внатрешни работи и почитување на човековите права.
„Во следните пет години, преку спроведување на активностите во рамките на овој проект, предвидено е да се адресираат клучните приоритети во областа на владеењето на правото, и тоа: подобрување на капацитетите на правосудниот систем, борба против организираниот криминал и тероризмот, борба против корупцијата и промовирање на малцинските и фундаменталните права. Ова ќе се постигне со обезбедување на советодавна експертска поддршка, управување со поддршка, помош за понатамошен развој на системите, обуки за вработените на сите вклучени засегнати страни, кои ќе бидат скроени за да им помагаат и во нивната секојдневна работа и да ги подобруваат нивните работни процеси“, посочи Спасовски.
Притоа, Министерството за внатрешни работи е главен координатор на активностите во рамките на компонентата 2, насловена како „Јакнење на капацитетите за ефикасно спроведување на современите истражни техники во борбата против организираниот криминал“.
Министерот Спасовски истакна дека со постигнувањето на бројните резултати кои се предвидени со овој комплексен и за Министерството за внатрешни работи важен проект, значително ќе се зајакнат капацитетите на институциите во борбата со организираниот криминал и ќе се придонесе кон зајакнување на владеењето на правото во земјава.
„Би сакал да изразам уверување дека со несмален интензитет ќе продолжиме да работиме кон остварување на принципот на владеење на правото и градење на силни институции, како еден од столбовите на нашата земја. Тоа е обврска која си ја поставивме и при процесот на пристапување кон европското семејство, но и како должност кон граѓаните на Република Северна Македонија“, порача Спасовски на крајот во своето обраќање.