23/11/2024
Македонија

Спасовски: Сузбиена криминална група која организирала криумчарење мигранти со фалсификувани патни исправи со крајна дестинација во САД и Канада

 

PPT

 Во текот на вчерашниот ден Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал на Министерството за внатрешни работи во координација со Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и коорупција, во соработка со Регионалната канцеларија за безбедност и истраги при Амбасадата на САД во Република Македонија, Европол, Селек, како и полициите на Албанија, Австрија, Шпанија и Бугарија спроведе координирана полициска акција за сузбивање на деветчлена криминална група која организирала криумчарење мигранти со фалсификувани патни исправи, а делувала на територијата на Република Македонија и Република Албанија, соопшти министерот Оливер Спасовски на денешната прес конференција.

-Криминалистичката истрага се спроведуваше во изминатите 18 месеци. Криминалната група од Македонија беше идентификувана како дел од меѓународна организирана криминална мрежа составена од соработници од Албанија, Бугарија, Шпанија, Доминиканска Република, Хондурас, Гватемала и Мексико. Членовите на оваа криминална група организирале криумчарење на повеќе групи на илегални мигранти со потекло од Албанија и Македонија со крајна дестинација САД и Канада. Криумчарењето го организирале за лица кои не можеле да добијат виза за патување кон наведените дестинации по регуларен пат и од истите барале и добивале паричен надомест во висина од 20.000 до 25.000 долари по лице. Беа извршени претреси во вкупно 12 објекти во Охрид, Струга, Дебар и Скопје, а лишени од слобода се седум лица. При претресите пронајдени и привремено одземени се поголема сума на парични средства во различни валути, две патнички возила (БМВ и Мерцедес), пиштол, куршуми, мобилни телефони, сим картици, четири австралиски патни исправи, копија од канадска патна исправа; апликации за канадски визи, гарантно писмо од Канада, белешки со контакт информации и лични податоци од повеќе различни лица; уплатници за испорака на документи по брза пошта и разновидна банкарска документација- рече Спасовски.

До јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесена е кривична пријава против вкупно девет лица: И.М. (52) од с.Волино-Охрид, Б. В. (33) и А. Д. (39) од с. Делгожди Струга, за сторени кривични дела „Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ по член 418-в став 1 и „Криумчарење на мигранти“ по член 418-б став 1 од КЗ на Р.Македонија, З. Д. (48) и Г. Д. (46) од с.Делогожди, Струга, за „Организирање на група и потикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ по член 418-в став 2 вв член 24 и “Криумчарење на мигранти“ по член 418-б став 2 во вв со став 1 од КЗ на Р.Македонија, Б. Б. (47) и Р. М. (54), двајцата од Дебар за „Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ предвидено и казниво по член 418-в став 2 и „Криумчарење на мигранти“ по член 418-б став 2 во вв со став 1 од КЗ на Р.Македонија, Н. Ц. (39) и Г. К. (59), двајцата од Охрид, за „Организирање на група и потикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење на мигранти“ по член 418-в став 2, во врска со член 24 од КЗ на Р.Македонија. 

-Оваа криминална група врбувала лица- потенцијални мигранти, а потоа им обезбедувала фалсификувани документи за идентификација, им резервирала и купувала автобуски и авионски билети до одредени дестинации во Европа и земјите на Централна Америка, потоа резервација на соби во хотели во Шпанија, како и во Панама, Доминиканска Република, Хондурас, Гватемала, Мексико и други земји. Организаторите на криминалната група ангажирале и лица кои ги прифаќале мигрантите и им обезбедувале дополнителни фалсификувани документи, особено за влез во Мексико, а го организирале и превозот и илегалното пренесување на мигрантите од Мексико до земјите на крајната дестинација – САД и Канада. Мигрантите биле криумчарени во групи од по двајца до четворица, со претходно договорен временски период во кој се предвидувало да се реализира целосната организација на криумчарењето, рутата по која ќе биде реализирано истото, локациите на кои во текот на криумчарењето мигрантите времено ќе престојуваат, односно ќе се засолнуваат, како и начинот на исплата на договорениот паричен износ- соопшти министерот Спасовски. 

Криминалната група од Македонија во содејство со соработниците од Албанија во периодот од април 2017 година до март 2018 година, успеала да прокриумчари околу 50-тина лица мигранти кон САД, со што се стекнале со противправна имотна корист во износ од околу милион американски долари.

-Почитувани, ваквите акции ја покажуваат одлучноста на Министерството за внатрешни работи да се справи со секаков облик на сериозен и организиран криминал кој нанесува штета на безбедноста во државите, но и претставува потенцијален извор за финансирање на различни кривични активности кои носат безбедносни закани. Дозволете ми да им ја честитам успешната акција на колегите од Одделот за сузбивање на организиран криминал и да упатам огромна благодарност до партнерите од Регионалната канцеларија за безбедност и истраги при Амбасадата на САД во Република Македонија, Европол, Селек, како и полициите на Албанија, Австрија, Шпанија и Бугарија, со чија помош успеавме да ја реализираме акцијата за сузбивање на оваа криминална група- рече Спасовски.