26/11/2024
Македонија

Спасовски: Ќе ја надминеме оваа состојба и ќе се справиме со корона вирусот ефикасно и успешно

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски денеска одржа прес-конференција на која информираше за состојбата во општините Дебар и Центар Жупа по воведувањето на мерката кризна состојба во тој регион.

Обраќањето на премиерот Спасовски ви го пренесуваме во целост:

„Сите граѓани на Република Северна Македонија, денеска се со мислите и срцата со граѓаните на општините Дебар и Центар Жупа.

Подготвени се сите потребни активности за да обезбедиме и спроведеме ефикасни мерки за справување со ситуацијата и со ширењето на коронавирусот.

Сите институции и нивните припадници, стручни за организирање и спроведување на сите неопходни акции и мерки од Акциониот план за оперативна имплементација на Одлуката за постоење на кризна состојба се на терен.

Првата ноќ минала мирно без никакви инциденти или движење на населението. Таква е ситуацијата и во претпладневните часови денеска, и тоа е добро. Најважно е сега граѓаните на двете општини на таков начин да го дадат својот придонес за справување на сите мерки што ги предвидува кризната состојба.

Формиран е Главен оперативен штаб за управување со кризи како стручно тело кое раководи со активностите од Акционен план со единствена цел – Справување со ширењето на коронавирусот со преземање на соодветни мерки и активности по здравјето и безбедноста за граѓаните на територијата каде е прогласена кризна состојба.

Акциониот план ќе ги оствари следните цели:

– Контрола и забавување на пренесување на инфекцијата.
– Заштита на здравјето и животот на граѓаните, материјалните добра и животната средина во услови на кризна состојба.
– Зајакнување на мерките за обезбедување на подрачјето на општините Дебар и Центар Жупа зафатени со кризната состојба.
– Зајакнување на мерките за обезбедување на државната граница и контрола на влез на лица кои доаѓаат од ризичните земји зафатени со корона вирусот.
– Вклучување на надлежните институции и обезбедување високо ниво на координација со преземените мерки и активности.
– Зголемување на нивото на  безбедност на патниот и товарниот сообраќај.
– Координација на мерките и активностите со општините Дебар и Центар Жупа.

За остварување на овие цели се задолжени повеќе министерства и институции на централно и на локално ниво.

Министерството за здравство ќе врши постојано следење на епидемиолошките, вирусолошките и клиничките карактеристики на заболувањето согласно воспоставени протоколи и алгоритми.

Министерството за внатрешни работи и Министерството за здравство ќе ја спроведува забраната за излегување на населението од кризното подрачје, освен во случај на животозагрозувачка состојба со возило на Итната медицинска помош и со потврда од овластено лице од Министерството за здравство.

Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство и Армијата на Република Северна Македонија се задолжени да го обезбедат утврдениот режим на обезбедување и контрола на кризното подрачје, како и засиленото обезбедување на државната граница во реонот на Дебар.

Министерството за внатрешни работи се грижи за контролата и регулирање на сообраќајот.

Дирекцијата за заштита и спасување ќе ја спроведуваат превентивно–епидемиолошката  мерка за дезинфекција на зафатеното подрачје, која е задолжителна на влезовите и на излезите од зафатеното подрачје.

Министерството за внатрешни работи, Центарот за управување со кризи и единиците на локалната самоуправа имаат задолжение да обезбедат услови за континуиран транспорт на намирници, енергенси и други потреби за граѓаните од општините од кризното подрачје.

Утврдени се и ќе бидат спроведени и многу други мерки и активности за справување за зајакнување на мерките за здравствена заштита и претпазливост од пренесување на вирусот по респираторен пат со задолжително користење на лична заштитна опрема.

Најважно е почитување на мерките донесени од Владата на Република Северна Македонија поврзани со забрана на собири, домашна изолација на контакти со иницирани и заболени лица, како и сите други препораки.

Во оваа прилика посебно им се обраќам на нашите сограѓани од општините Дебар и Центар Жупа.

Бидете уверени, и верувајте дека ова е најдоброто решение. Ова е решение кое најбргу ќе даде резултати. Нема потреба од паника.

Воспоставен е организиран и институционален систем кој ќе ги покрие сите аспекти за згрижување на секој граѓанин во општините Дебар и Центар Жупа.

Заедно со вашите први луѓе во општината, кои се вклучени и со кои најтесно соработуваме, ќе ги обезбедиме сите услови да ги добиете најдобрите здравствени мерки. Ќе обезбедиме услови за организирано секојдневие во услови на кризна состојба.

Во Дебар, Центар Жупа и сите населени места ќе се обезбедат сите безбедносни услови за да функционираат производствени капацитети за храна, бензиските пумпи, аптеки, болници. Банките, комуналните служби и пошта да работат по скратено работно време.

Најважно е да се придржувате на препораките и на мерките за заштита и спречување на ширењето на вирусот.

Следете ги редовно информациите и тоа само од официјалните канали за комуникација и од овластените и стручни лица на Министерството за здравство, на Центарот за управување со кризи, на вашите општини и на Владата на Република Северна Македонија.

Ве уверувам дека имаме добро поставен систем кој може да се справи со оваа ситуација.

Ве уверувам дека го покренавме тој систем на време и со сите капацитети согласно како се развиваше ситуацијата.

Ги поставивме работите на највисоко и најодговорно институционално рамниште, и такви ќе останат во секоја наредна фаза.

За да се постигне тоа, неопходно е целосна посветеност и најодговорно однесување на секој поединец во институциите и на сите граѓани.

Ова не е време на евтини политички профити. На прибирање поени од загриженоста на нашите граѓани. Тоа секој треба да си го оттргне од својата агенда.

Ова се ситуации кога е повеќе од потребно да го дадеме својот максимален личен придонес придржувајќи се кон препораките, почитувајќи ги насоките на институциите, поддржувајќи го системот кој е креиран од граѓаните од државата да ни служи на сите нас како граѓани. 

Сега е време да покажеме дека сме организирано општество. Општество кое има институционален одговор за оваа ситуација.

Со постигнување на степен на најодговорно однесување на сите граѓани, на секој посебно и сите заедно, со неопходното ниво на максимална лична одговорност, организираност и дисциплинираност ќе ја надминеме оваа состојба ефикасно, успешно и за пократко време“.