23/11/2024
Македонија

Усвоени материјали за регулирање на односите со Европската комисија: За три месеци продолжено замрзнувањето на маржата на основните прехранбени производи

Владата на Република Северна Македонија, денеска, ја одржа редовната, 83-та седница.

На седницата, на предлог на Министерството за внатрешни работи беше разгледан и усвоен Предлог – законот за ратификација на Рамковната спогодба за финансиско партнерство помеѓу Европската комисија и Република Северна Македонија застапувана од Владата, за посебните постапки за спроведување на финансиска помош од Унијата за Република Северна Македонија според Инструментот за претпристапна помош (ИПА III).

Рамковната спогодба за финансиско партнерство за ИПА III, претставува најважен акт со кој се регулираат односите помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Европската комисија во спроведувањето на ИПА III, а произлегува од регулативи на Европската Унија кои треба директно да се применуваат по склучувањето и влегувањето во сила на оваа Спогодба.

Регулативата за ИПА III има за цел да ги поддржи корисниците на ИПА III за донесување и спроведување на политичките, институционалните, правните, административните, социјалните и економските реформи што се бараат од корисниците со цел да се усогласат со вредностите на Унијата и постепено да се усогласуваат со правилата, стандардите, политиките и практиките на Унијата („acquis”), со цел членство во Унијата, придонесувајќи со тоа за нивната стабилност, безбедност и просперитет.

Секретаријатот за европски прашања се определува како надлежен орган на државната управа што ќе се грижи за извршувањето на Рамковната спогодба.

На денешната седница, беше разгледана и усвоена и Информацијата за Секторската спогодба помеѓу Република Северна Македонија претставувана од Владата и Европската комисија за воспоставување на одредбите за управување и спроведување на финансиската помош на Унијата за Република Северна Македонија од Инструментот за претпристапна помош во областа на соработка Земјоделство и рурален развој (ИПАРД III).

Беше прифатен усогласениот текст на Секторската спогодба и притоа е овластен заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија и Национален ИПА координатор, Бојан Маричиќ, во име на Владата на Република Северна Македонија, да ја потпише истата.

Со потпишување на Секторската спогодбата за ИПАРД III ќе се заокружи основната правна рамка за ИПА III, од особена важноста за областа Земјоделство и рурален развој (ИПАРД III), со што ќе се овозможи натамошно потпишување на годишните спогодби за финансирање.

Владата денеска, донесе Одлука за изменување на Одлуката за посебни услови за трговијата на одделни стоки, со што продолжува да важи Одлуката за определување на највисока трговска маржа на основните прехранбени производи во трговијата на големо и на мало за следните три месеци, односно до 31 декември 2022 година.

Тоа значи дека останува да важи замрзнувањето на маржата на основните прехранбени производи во трговијата на мало и на големо.

Одлуката се носи заради потребата од ограничување на растот на цените на мало на основните прехранбени производи, како и поради тоа што состојбата на пазарот укажува дека цените не се стабилизирани.

На овој начин, евентуалниот раст на цените во трговијата на големо и трговијата на мало ќе биде предизвикан од растот на увозните и берзанските цени, како и растот на производствените трошоци.

Висината на трговска маржа на трговските друштва и трговските поединци кои учествуваат во трговскиот ланец на леб бел; сечен на парчиња или цел, бел шеќер и сончогледово масло за јадење се утврдува во висина до 5% во трговијата на големо и до 5% во трговијата на мало.

Висината на трговската маржа на трговските друштва и трговските поединци кои учествуваат во трговскиот ланец на брашно од пченица – тип 400 и тип 500, макарони и шпагети од тврда пченица, македонски бел ориз и трајно кравјо млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5% млечна маст и јајца се утврдува во висина до 10% во трговијата на големо и до 10% во трговијата на мало.

Пред министрите, денеска се најде и Информацијата за работата на Интер-ресорската консултативна и советодавна група за еднакви можности на жените и мажите за 2021 година, предложена од Министерството за труд и социјална политика.

Интер-ресорска консултативна и советодавна група (ИРГ) за еднакви можности на жените и мажите е составена од функционери/раководни државни службеници, претставници на граѓански организации, здруженија на работодавци, експерти, претставници на локалната самоуправа, синдикатите и други субјекти.

Групата се грижи за промоција на концептот за  вклучување на родовите аспекти во генералните политики на сите јавни институции; ја следи интеграцијата на концептот во секторските политики  во соработка со социјалните партнери и институциите од поединечните области; го следи прогресот на хармонизација на националното законодавство со законодавството на Европската Унија  и европските стандарди од областа на родовите прашања; учествува во подготовката и дава насоки во процесот на подготовка на Стратегијата за родова еднаквост; ги следи периодичните извештаи од институциите.

Во текот на 2021 година, членовите на ИРГ имаа активности во врска со разгледувања на сите стратешки документи, кои се однесуваат на оваа тематика, придонесувајќи за унапредување на родовата еднаквост.

На предлог на Министерството за труд и социјална политика, Владата го разгледа и усвои Предлог-законот за изменување на Законот за заштита на децата, по што е испратен во Собранието за донесување по скратена постапка.

Со Законот за заштита на децата се регулирани категориите и нивоата на даватели на јавни услуги во јавните установи за деца, како и нивните плати и надоместоци на плати.

Со измените на Законот за заштита на децата се врши усогласување со Законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата во Република Северна Македонија, со кој се утврди зголемување на минималната плата.

Со Законот се менуваат критериумите за годишно усогласување на минималната плата со 50% од годишниот раст на просечната плата и 50% од растот на трошоците за живот, согласно податоците од Државниот завод за статистика.

Со цел системско решавање на прашањето на минималната плата, со законот се утврдува, висината на минималната плата да не може да биде пониска од 57% од просечната плата објавена од Државниот завод за статистика, за претходната година.

Со новите измени и дополнувања на Законот за заштита на децата, кој е испратен во Собранието за донесување по скратена постапка, се усогласува со членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата во Република Северна Македонија на начин што на давателите на јавна услуга во установите за деца – детски градинки им се овозможува понатамошен раст на платите со растот на законски утврдената минимална плата и скалесто усогласување на останатите плати на давателите на услуги од сите нивоа, како и обезбедување на континуитет на промените на платите во однос на минималната плата на национално ниво, како долгорочна цел.

Со овој Предлог – закон се врши и дополнително зголемување на платите на сите даватели на услуги во установите за деца-детски градинки за 15%.

Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за потпишување на Договор за соработка во областа на дијаспората помеѓу Владата на Република Северна Македонија  и општините, при што беше прифатен усогласениот текст.

Договорите за соработка во областа на дијаспората помеѓу Владата на Република Северна Македонија и 23 општини ќе бидат потпишани од министерот без ресор задолжен за дијаспора, д-р Џемаил Чупи.

На денешната седница, беше усвоена редовната Информација за исплата на пензии за тековниот месец.

Усвоената Информација е со задолжување на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија да ги достави податоците за пензиите до деловните банки најдоцна до 28.09.2022 година.

Се препорачува на деловните банки да обезбедат пензионерите да може да располагаат со септемвриските пензии преку мрежата на банкомати и во трговската мрежа од 29.09.2022 година.

Подигнувањето на пензиите преку филијалите и експозитурите на банките за пензионерите кои не користат картички, ќе се реализира во четири групи, според висината на пензиите и тоа:

  • За пензии со висина до 11.000 денари, исплатата да се изврши на 29.09.2022 година (четврток);
  • За пензии со висина 11.001-14.000 денари, исплатата да се изврши на 30.09.2022 година (петок);
  • За пензии со висина 14.001-18.000 денари, исплатата да се изврши на 03.10.2022 година (понеделник);
  • За пензии со висина над 18.001 денари, исплата да се изврши на 04.10.2022 година (вторник).
  • Со септемвриската пензија, пензионерите на крајот на месецов ќе добијат повисоки пензии за 6,8 %.

Зголемувањето е направено согласно новата методологија одобрена во март годинава.