30/12/2024
Македонија

Учество на министерот Спасовски на 11 Меѓународна научна видео конференција на тема „Евроатланските вредности во балканските земји“

 Интегрално обраќање на министерот Спасовски 

Дозволете да ве поздравам и да изразам задоволство што ми е укажана чест да се обратам на Меѓународната научна конференција на тема: „Евроатланските вредности во балканските земји“, тема која е од суштинско значење за сите нас, кои сме цврсто определени ефикасно да го изодиме вистинскиот пат кон заокружување на евроинтеграциските процеси.

Република Северна Македонија, која како држава веќе застана рамо до рамо со сите членки на најмоќната воено-политичка алијанса на светот, со што ги исполни  50% од стратешките планови, подготвено очекува да отпочне со старт на преговорите за ЕУ и отварање на поглавјата за да ги заокружиме и останатите 50%.

Ќе се согласиме дека заедничките евроатлански вредности претставуваат основен сегмент и суштински двигател на меѓусебно приближување на државите од Балканскиот регион и надминување на сите бариери, од кои дел беа проследени со конфликти и несогласувања во минатото. Балканското „буре барут“, како што многумина го нарекуваа, мора да остане во историјата, а сите земји во регионот посветено да се сосредоточиме кон заедничките вредности и цели насочени на превенирање на конфликтите, одржување на мирот и стабилноста, владеење на правото без исклучок со почитување на меѓународното право, заштита на човековите права и слободи и мирно решавање на сите спорови и недоразбирања, за што последниов период Република Северна Македонија претставува вистински пример.   Само така можеме да обезбедиме гаранција за просперитетот, одржливоста и стабилноста на државите.

Паралелно со овие процеси мора да ги споменеме и предизвиците од поново време со кои се соочуваме како држави, а тоа се: организираниот криминал, нелегалната миграција, компјутерскиот криминал и сајбер нападите, лажните вести и, секако, насилниот екстремизам и тероризам, пандемијата „Ковид-19“. За справување со овие современи предизвици е неопходен е современ, регионален пристап, заедничка стратегија и конкретни мерки за делување.

Република Северна Македонија на 27 март годинава, конечно ја оствари својата прва стратешка цел. Со потпишувањето на Протоколот за пристапување кон Алијансата од страна на сите 29 држави-сојузници и исполнување на сите обврски, по период од 27 години, станавме полноправна членка на НАТО.

Во цел тој процес, Министерството за внатрешни работи имаше исклучително значајна улога и комплексна задача, со оглед на фактот што во Програмата за пристапување кон Алијансата беше неопходно да се спроведат реформи во безбедносно-разузнавачкиот систем.

Притоа, во период од две и пол години посветена работа ги реализиравме препораките од групата високи експерти за системски прашања од владеење на правото во врска со следењето на комуникациите.Токму во таа насока е формирана Оперативно-техничката агенција, која отпочна со работа на 01.11.2018 година, како независен државен орган за следење на комуникациите и овозможување на пристап до податоци на органите овластени за следење на комуникациите.

Непосредно после ова, на 20.11.2018 од страна на Владата беше усвоен предложениот Модел за реформа на безбедносно-разузнавачкиот систем, со кој Управата за безбедност и контраразузнавање беше одделена од МВР. Тоа значеше реформирање во посебна агенција, под ингеренции на Владата, со јасно дефинирани цели и задачи.

За таа цел беше изготвен и усвоен нов Закон за Агенцијата за национална безбедност, која отпочна со работа на 01.09.2019. Воедно, на овој начин ги надминавме и констатираните недоследности кои беа утврдени во претходните извештаи на Европската комисија за нашата држава. Во исто време работевме на изготвување на уште едно законскко решение за координација на безбедносно разузнавачката заедница, со цел да се уреди поставеноста и надлежноста помеѓу безбедносно разузнавачките служби. Во овој Закон за координација на безбедносно разузнавачката заедница, кој беше изгласан со двотретинско мнозинство на 99.седница на Собранието на Република Северна Македонија, одржана на 22 мај 2019,се предвиде формирање на посебно тело за координација на безбедносно-разузнавачката заедница. Притоа, беше утврден прецизен делокруг на работење, состав, начин на работа и донесување одлуки, сѐ со цел спроведување на ефикасна координација на безбедносно-разузнавачката заедница. Воедно, во континуитет се одржуваат работни средби на сите нивоа со претставници на НАТО Алијансата за зајакнување на соработката и имплементација на насоките.

Еден од следните планирани процеси во МВР е ветингот, кој ќе се спроведува врз основа на строго утврдени правила и критериуми, а ќе ги опфати сите вработени во МВР. Целта на оваа повторена проверка е етаблирање на професионална, декриминализирана, департизирана и одговорна полиција, која ќе биде сервис во вистинска смисла на зборот и ќе го штити интересот на граѓаните. За дефинирање на правната рамка се вршат неопходните компаративни анализи и размена на искуства, со цел изготвување на квалитетно законско решение кое ќе овозможи доследна имплементација. Министерството за внатрешни работи активно ќе се вклучи и во отпочнувањето на преговорите за членство во ЕУ, поточно Поглавјата 23 и 24 каде, како и досега, ќе биде неопходна брза и ефективна имплементација на неопходните реформи, особено во сферата на организираниот криминал и високата корупција, при што од исклучителна важност ќе биде поддршката од нашите партнери, со кои имаме континуирана успешна соработка.

Безбедносниот систем е основа на функционирање на правната држава! А сите овие спроведени реформи гарантираат заштита и унапредување на човековите права, заштита на демократијата и стабилноста на системот. Тој денес функционира, со него функционира и правната држава, а со неа и демократијата. Како што веќе споменав, првата стратешка цел – интеграцијата во НАТО – ја остваривме. Но, не застануваме тука, туку продолжуваме со несмален интензитет, посветена и одговорна работа и реализација на сите активности кон остварувањето на втората стратешка цел на државата – членството во ЕУ, односноевропеизација на нашата татковина. Ова е период кога сечиј придонес е важен, очекуван, потребен и суштински.

Благодарам.