29/11/2024
Македонија

Филипче: Во моментов 12 заболени од корона вирус, се тестираат уште 9 лица, до Владата ќе се достави предлог за затворање на моловите

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче на денешната прес-конференција информираше за состојбата со корона вирусот во земјава.

„Во овој момент ги очекуваме од Дебар да пристигнат новодијагностицираните четворица пациенти. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби се уште се досега 9-те, односно 8 практично, заради тоа што прво заболената пациентка во понеделник ќе биде испишана и пуштена на домашно лекување. Од тие осум пациенти, дополнително се влоши состојбата на првата пациентка од Дебар и таа од утрово е поставена на машина со механичка вентилација со соодветната терапија“, потенцираше министерот Филипче.

Во овој моментов се тестираат 9 лица. шест се од Дебар, 4 имале директен контакт со заболените – втората група на пациенти, епидемиологот и техничарот кои се без симптоми, тестирање се прави за да се осигура нивната здравствена состојба. Се тестира едно лице странски државјанин преку ЦЈЗ Битола, претставник на една од меѓународните организации. Дополнително, се тестирани уште двајца пациенти, македонски државјани кои патувале во Шпанија и се јавиле заради покачена телесна температура.

„Болницата во Дебар е организирана, епидемиолог, инфектолози и од болницата и од Дебарската бања се на располагање за сите пациенти од овој регион. Тие ќе работат во една или две смени, а ќе бидат на повик континуирано. Едно лице за целата организација е директорот на дебарската болница, има посебен еден дел од болницата, каде е како одделено физички одделение со посебен влез кадешто треба да се упатуваат и на преглед да се јават сите пациенти од овој регион коишто ќе добијат симптоми“, изјави министерот Филипче.

Утрово, министерот Филипче разговараше со директорката на Бирото за агенцијата за лекови, во врска со снабдувањето на аптеките и на веледрогериите во Дебар. Им беше укажано на тоа како сега се спроведува, согласно новите процедури и правила за влез односно излез во градот.

„Во целосна координација сме со Министерството за внатрешни работи во однос на потребата за поддршка за нашите лекарски екипи доколку се изнуди таква потреби да се помогне на лекарите во спроведувањето на изолацијата, односно евентуално доколку има некоја потреба во болницата. Засега нашите информации се дека во Дебар е мирно, дека нема некакви проблеми, луѓето се мирни и целосно разбираат за што станува збор“, истакна министерот Филипче.

Министерот Филипче рече дека ќе предложи до Владата затворање на моловите, со цел да се спречи ширењето на КОВИД-19. Тој упати апел пекарите да се ограничат, доколку е можно само на шалтерско работење и да нема влегување во објектите.