Царовска: Со новата концепција за основно образование нудиме современ пристап во наставата за секое дете и сигурност на работните места на наставниците
Слабите постигнувања на учениците од Северна Македонија на меѓународните натпревари, критиките за квалитетот на содржината на учебниците, но и честите реакции од наставниците се основните индикатори за итни и крупни промени во образованието и токму тоа ја поттикна изработката на новата Концепција за основно образование. Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска на денешната презентација на концепцијата, за кој, како што рече ќе следи широка јавна дебата, а имплементацијата на најдобрата усвоена верзија ќе создаде образование кое ќе нуди квалитетни услови за секое дете и континуирано ќе вложува во наставниците кои се срцето на образовниот систем.
„Реформи во образованието се итни и потребни. Затоа што секоја учебна година, секој ден во кој нашите деца учат од неквалитетни учебници следејќи несоодветна наставна програма нанесуваат огромни последици на младите генерации. Нашата држава не им овозможува на децата да се стекнат со компетенциите потребни за да го развијат својот полн професионален потенцијал и личен развој,“ рече Царовска, истакнувајќи дека според истражувањата на ОЕЦД и УНИЦЕФ учениците од Северна Македонија добиваат околу 900 саати помалку настава и усвојуваат основни вештини за читање со разбирање и одземање под просечното глобално ниво, како и дека недостатоците во образовниот процес се видливи и за наставниците, од кои дури 82% сметаат дека основното образование треба да се реформира.
„Во оваа прилика сакам да разјаснам две работи. Прво ниту еден наставник нема да го изгуби своето работно место. Второ, очекувам од високообразовните институции да продолжат да создаваат нови кадри затоа што со новата концепција за основно образование очекуваме бројот на потребен кадар да порасне, во секоја научна дисциплина. Во меѓувреме ќе продолжиме да обезбедуваме значителна поддршка за сите наставници преку овозможување на кариерен и професионален развој, поголема автономија во реализацијата на часовите, подобри услови за работа и слично,“ рече Царовска, додавајќи дека очекува наставниците да продолжат да бидат главни партнери во промените, нагласувајќи дека концепцијата ќе обезбеди поголема поддршка и за нив од повеќе аспекти.
„Документот се основа на однапред определени национални стандарди за компетенции што треба да ги стекнат учениците, а тие се: јазична писменост; користење други јазици; математика, природни науки и технологија; дигитална писменост; личен и социјален развој; демократска култура и граѓанство; претпримништво и уметничко изразување, култура и мултикултура. Во овие национални стандарди се вградени клучните компетенции за доживотно учење опфатени во препораките на Советот на Европската комисија и препораките кои произлегуваат од меѓународни студии со цел да го подобрат квалитетот на образованието во земјите членки“, рече Царовска, нагласувајќи дека клучните компетенции за доживотно учење од европската рамка се прилагодени како на возраста на учениците кои го завршуваат основното образование, така и на контекстот на македонското општество, а при нивното дефинирање се земени предвид и досегашните искуства во основното образование во нашата земја.
Универзитетската професорка Виолета Петроска Бешка којашто ја презентираше Концепцијата реќе дека со реформата се предвидува нов наставен план, според кој во наставата во основните училишта ќе има 8-9 задолжителни предмети и поголем број изборни предмети.
„Задолжителните предмети ќе бидат поделени во две групи. Едната ја сочинуваат мајчиниот јазик (македонски, албански, турски, српски, односно босански јазик) и математика, природни науки, општествени науки и англиски јазик, кои, како предмети ќе бидат застапени со различен фонд на часови во сите одделенија од прво до деветто.
Предметот природни науки опфаќа содржини што традиционално припаѓаат на биологијата, физичката географија, хемијата и физиката, додека предметот општествени науки ќе опфати содржини што традиционално припаѓаат на историјата, општествената географија, граѓанското образование, религиите, етиката итн“, рече Петроска Бешка.
Професорката истакна дека втората група задолжитени предмети се оние кои го покриваат уметничкото образование, физичкото образование и техничко-технолошко-информатичкото образование. Меѓу задолжителните предмети наменети за учениците кои не ја следат наставата на македонски јазик се вклучува и македонскиот јазик кој се изучува во вториот и третиот период на основното образование, односно од шесто до деветто одделение.
„По однос на изборните предмети, секое училиште задолжително ќе треба да понуди две листи на изборни предмети, од кои едната ќе се однесува на учење на други јазици, при што како втор странски јазик ќе биде понуден германскиот, францускиот, италијанскиот, рускиот, но и албанскиот јазик за
учениците кои ја следат наставата на македонски, турски, српски или босански, рече Бешка.
Другата е група слободни изборни предмети поделени во четири категории што ќе се нудат зависно од интересите на учениците и можностите на училиштето и тоа: изборни предмети за проширување/продлабочување на наставните содржините од задолжителните наставни предмети (на пример математичко-логичко резонирање, програмирање, сликање/цртање, историја на културата, сексуално образование), изборни предмети за поддршка на интереси на учениците што не се дел од наставните предмети (фотографија, драма, танцување, готвење, градинарство/хортикултура, вајарство, резбарство, моделарство), понатаму изборни предмети за поддршка на личниот и социјалниот развој на учениците (образование за животни вештини, мултикултурни работилници) и четвртата категодија се изборни предмети од спортско-рекреативен карактер (фудбал, кошарка, ракомет, одбојка, пинг-понг, планинарење, јога, пилатес, велосипедизам).
„И овие предмети ќе им се нудат на сите ученици согласно нивната возраст и можностите на наставниот кадар вклучен во одделенската и предметната настава. Училиштата, со исклучок на оние со мал број ученици, ќе имаат обврска да понудат најмалку три изборни предмети во секоја од четирите категории, а од сите понудени, учениците ќе одберат еден во првото и еден во второто полугодие“, рече Бешка.
Концепцијата за основно образование ќе ја промени и организацијата на училиштето која отсега ќе биде во функција на промовирање на учењето и почитување на најдобриот интерес на детето. Задолжителниот престој за учениците од прво до петто одделение во училишта кои работат двосменски ќе биде 5 саат на ден, од кои 3-3,5 саати ќе бидат наменети за наставни часови. Додека, учениците од шесто до деветто одделение ќе престојуваат во училиште по 6 саати дневно, од кои 4-4,5 саати се посветени на наставните часови.
На презентацијата беше истакнато дека новите наставни програми кои ќе треба да се изработат по усвојувањето на конечната верзија на концепцијата, истакнувајќи дека со истите ќе се воведе интегриран/мултидициплинарен пристап во учењето, според кој и понатаму ќе продолжат да се изучуваат сите научни дисциплини, но споени во еден предмет.
Новиот пристап во учењето подразбира меѓусебно поврзување на зависните знаења и вештини од една предметна област за да се научи одредена централна тема или прашање, да се разјасни одредена појава која ќе се разгледува од повеќе различни аспекти. На овој начин учениците полесно ќе ги поврзуваат наставните содржини со реалноста, ќе ја согледаат смислата на она што го учат и ќе ги доживуваат наставните активности како релевантни и применливи. Секоја дисциплина во рамки на еден интегриран предмет претставува посебен модул, со јасно утвредни резултати од учење, стандарди за оценување и број на часови за реализација.
Наставата по секој интегриран предмет ќе се планира и заеднички помеѓу наставниците од различните дисциплини, но и одделно секој од нив ќе планира на кој начин ќе го реализира својот модул. Дополнително, наставниците ќе треба да применуваат и неколку иновативни приоди во наставата, како учење базирано на проекти преку кое се развиваат практични вештни применливи во секојдневието; проекти базирани на истражување преку кои учениците посуштински ќе ги разбираат појавите што ги учат и ќе ги поврзуваат со реалност; и искуствено учење насочено – кон интегрирање на знаења, вештини и искуства стекнати во или вон училницата.
На презентацијата беше посочено дека во план е и изработка на нови квалитетни учебници за сите задолжителни предмети со исклучок на уметностите и дека тенцеција е класичните форми на учебници достапни во електронска и печатена форма да бидат заменети со дигитални верзии, кои ќе вклучуваат секаков облик на аудио и визуелни материјали, што е практика во речиси сите развиени земји во светот.
Оценувањето на учениците, согласно новата концепција ќе биде формативно, наспроти сумативното. Предвидено е и спроведување на државно тестирање, а дополнително државата редовно и понатаму ќе учествува во меѓународните тестирања како ПИСА, ТИМС, ПИРЛС и слични.
Покрај министерката, на презентацијата присуствуваа и заменик министерот за образование и наука Арафат Шабани, државниот секретар Селајдин Бељули, директорот на Бирото за развој на образование Зеќирија Хасипи, но и членовите на работната група која ја креираше концепцијата. Согласно заклучокот од вчерашната владина седница, од денес започнува процесот на јавна дебата и консултација со сите засегнати страни, со цел усвојување на најдобрата верзија на документот која ќе одговори на потребите на сите учесници во образованието.