Честитка од претседателот Пендаровски по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден
Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, митрополит скопски, aрхиепископ oхридски и македонски и на Јустинијана Прима, г.г. Стефан и сите православни верници, и до претседателот на Црковното претставништво на Евангелско – методистичката црква, Емил Заев и припадниците на Евангелско – методистичката црква во државата.
„Најискрено ви посакувам празничните денови да ги поминете, пред сѐ, во добро здравје, неизмерна радост и во среќа, исполнети со духовен мир.
Вдахновени од Христовото страдање за човештвото и од неговото воскреснување да им дадеме смисла на нашите животи и да ги победиме искушенијата, отворајќи ги нашите срца и споделувајќи безусловна љубов.
На овој Велигден да помислиме на сите оние коишто страдаат во воените судири, коишто се погодени од елементарни непогоди, коишто се соочуваат со здравствени тешкотии, на сите оние коишто се без топлината на својот дом, на разделените од семејствата, на сите во беда и немаштија. Ним да им ги посветиме нашите молитви и благослови.
Се надевам дека светлината на Велигден ќе ни даде сила и поттик за добра мисла и за добри дела.
Христос воскресна!“