23/11/2024
Македонија

Шахпаска: Да се бори за своите права, да бара заштита на правата, може само оној кој е добро информиран и добро запознаен со своите права

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска учествуваше на  прес-конференцијата организирана од страна на Меѓународната организација на трудот (МОТ), каде што присуствуваа претставници на ЕУ, Државниот инспекторат за труд (ДИТ),Организација на работодавачи на Македонија(ОРМ) и Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).

Целта на оваа прес конференција беше да се  најави почетокот на кампањата за подигнување на свесноста за работничките права Мој труд, мои права! Кампањата има за цел, да ги информира вработените лица, барателите на работа и работодавачите за правата и обврските што произлегуваат од работниот однос.

„Она за што секогаш мораме да водиме сметка и да се залагаме, вклучително и во вакви тешки и кризни времиња, е дека мора да се обезбеди доследното почитување на правата и обврските кои произлегуваат од работниот однос.  А во однос на почитувањето на работничките права нема и не смее да има компромиси! И тука, во остварувањето на оваа цел, подеднакво значајна е улогата на сите чинители. И институциите кои ги пропишуваат законите и со легислатива ги утврдуваат правата и обврските, и инспекциските служби кои се грижат за нивно доследно спроведување, но секако, голема е тука улогата и на работодавачите и на самите работници.  Сите сме важна алка во системот на обезбедувањето на доследното и ефективно почитување и заштита на работничките права,“истакна министерката Шахпаска.

Министерката посочи дека во однос на почитувањето и заштитата на работничките права не смее да има компромиси. А борбата за овие права треба да биде постојана и во фокусот на сите нас и институциите, и работодавачите и самите работници.

„Да се бори за своите права, да бара заштита на правата, може само оној кој е добро информиран и добро запознаен со своите права. Тоа е така во сите останати области, така е и во сферата на работата и работните односи.  И затоа, јас лично сметам дека токму оваа кампања за подигнување на свеста која сега ја започнуваме и ја промовираме со оваа прес конференција, кампањата под наслов „Мој труд, мои права!“ ќе биде од големо значење за уште поголемо информирање и запознавање со работничките права и обврски,“истакна министерката Шахпаска.

Во однос на кампањата, министерката посочи дека на начинот на кој е осмислена, кампањата ќе допре до оние кои се веќе вклучени на пазарот на трудот, а тоа се работниците, невработените, работодавачите, но и младите лица во државата, кои допрва ќе треба да се вклучуваат на пазарот на труд.

„Особено ме радува и фактот што идејата и иницијативата за темата која ќе биде во фокусот на оваа претстојна кампања за подигнување на свеста за работничките права, доаѓа токму од Економско-социјалниот совет. Местото каде што континуирано се работи на подигнувањето на нивото и на квалитетот на социјалниот дијалог, на ефикасноста и ефективноста на процесот на соработка и консултации помеѓу работодавачите, работниците и Владата за сите важни политики и прашања кои задираат во економско-социјалната сфера,“посочи министерката.

Таа информираше дека оваа кампања  ќе се спроведува во наредниот неколку-месечен период, помеѓу социјалните партнери кои учествуваат во работата на ЕСС, и со помош и поддршка од експертскиот тим на проектот за „Зајакнување на социјалниот дијалог“,   проект кој е финансиран од страна на Европската унија, преку ИПА (Инструментот за претпристапна помош и поддршка), а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Преку алатките кои се наменски развиени и изработени за потребите на оваа кампања, како специјализираната web-страница, facebook-страницата, информативните кратки видеа итн., на лесен и современ начин  се овозможува едноставен и брз пристап до сите потребни информации и податоци за законски утврдените права и обврски кои произлегуваат од работниот однос.