26/11/2024
Македонија

Шекеринска: Армијата се вклучува во поддршка на државните институции за спречување на ширењето на коронавирусот

„Армијата многу директно ќе се вклучи во поддршка на сите државни институции во справување со последиците на коронавирусот и ќе биде на првата линија на одбрана на здравјето на граѓаните секаде каде што тоа е потребно“, рече заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска на денешната прес-конференција.

Шекеринска изјави дека, согласно Уредбата што ја донесе Владата, а која на Армијата и дава обврска во услови на вонредна ситуација да биде целосно во функција на поддршка на различните државни органи, пред сè и особено на полицијата, формиран е оперативен штаб помеѓу полицијата и Армијата и во него прецизно се дефинирани начините на кои Армијата ќе и асистира на нашата полиција.

„Главниот фокус во следниот период ќе го ставиме на три задачи:

Првата задача е целосно преземање на контрола на граничната линија од страна на нашите полициски структури, односно од страна на граничната полиција. Тоа не значи дека војниците ќе ни ги контролираат нашите гранични премини, тука ќе продолжи да биде ангажирана полицијата, но целата порано наречена зелена линија на нашата граница ќе биде контролирана и под надзор на припадниците на Армијата со цел да се спречат нелегални влезови и излези од нашата граница. Со ова ние ќе овозможиме практично полицијата еден дел од своите сили, еден дел од своите припадници да може да ги повлече од границите без никаква опасност по нашата држава и да се сконцентрира на задачите, дома, внатре во државата.

Втората задача на припадниците на Армијата ќе биде заедничко учество во мобилни екипи на полицијата и Армијата кои што ќе можат да спроведуваат проверка на влезови и излези од населени места, особено во делот на кризните подрачја, но и мобилни пунктови и контролни точки во реоните на ангажирање. Согласно дополнителните уредби кои што ги носевме, заеднички полициско – армиски тимови ќе можат да спроведуваат и контрола на почитувањето на полицискиот час, почитувањето на самоизолацијата и доколку самоизолацијата не се почитува да веднаш се изрекуваат мерки, но и да се упатат овие лица во државен карантин и државна изолација.

И третата задача која што ја доби Армијата е во овој период да обезбеди физичко обезбедување на витални објекти кои што досега беа обезбедувани од страна на МВР. Во првиот чекор тоа значи дека Армијата ќе го преземе обезбедувањето на објектите како што се Собранието на државата, Владата на Република Северна Македонија, меѓутоа исто така и важни локации како што се на пример нашите затвори. Важно е да обезбедиме во услови на вонредна состојба, никој да не се грижи дали овие установи, казнено – поправните установи се под контрола или не се под контрола. Тоа не значи дека Армијата ќе ја преземе улогата на затворска полиција, но тоа значи дека тоа што порано го вршела полицијата со надворешно контролирање, надворешно обезбедување, сега тоа ќе го прави Армијата“, рече министерката Шекеринска.

Таа објасни дека Армијата ќе функционира исклучиво во комбинирани тимови со полицијата, токму поради тоа што полицијата е таа што е вежбана и обучувана да се справува со ваков тип на цивилни закани, меѓутоа ќе даде силна поддршка со бројка, со луѓе, со опрема за да може полицијата да ги спроведе овие засилени активности и задачи.

Шекеринска информираше дека и полската болница РОЛ-2 која што ја има Армијата ќе биде сега целосно ставена во функција и на јавното здравје и ќе биде лоцирана на влезот односно во непосредна близина на Инфективната болница, како поддршка не само за нашите вооружени сили, но пред сè како поддршка на јавното здравје.

Министерката рече дека присуството на армиските припадници ќе биде димензионирано во согласност со ситуацијата со вирусот и одлуките на Владата, и ги повика сите припадници на Армијата, војници и офицери, да покажат максимална ангажираност во момент кога државата има потреба да се потпре на нив.

„Одлуките да ангажираме Армија во вакви моменти, не беа лесни. Меѓутоа беа оправдани. Оправдани се затоа што целиот свет, а не само ние се соочуваме со епидемија, опасност која што никој не можел ниту да ја замисли. Епидемија и опасност која што бара сите да бидеме мобилизирани и фокусирани и затоа Армијата со право стави на располагање сè што има и сè што може за да и помогне на полицијата, на државните органи, но и на целата држава“, рече Шекеринска и во име на Владата, на Министерството и на Армијата се заблагодари на луѓето од здравството кои се максимално ангажирани во справувањето со коронавирусот.